Промоција на Мушичарскиот Клуб МАТКА
Дојде и тој ден!
По претходно одржани два мушичарски собири во организација на Илија Јовановски и по идеа на Горан Стојмановски - Перун, но и иницијатива на Мире Младеновски, а со сесрдна подршка и помош од Мухамет Незири, Фејзула Незири, Бесим Бакиу и Марјан Сотировски се тргна во формирање на мушичарски клуб.
Следеа повеќемесечни, договарања, планирања и слични активности, за да на крајот се случи и долго очекуваното регистрирање на Првиот мушичарски клуб во Македонија - Мушичарски Клуб МАТКА.
Беше тоа желба која тлееше кај многумина мушичари во Македонија, а како што дознавме и претходно постоеле такви намери, но дојде редот на нас истата и да ја реализираме. Голема беше радоста и истата мораше и да се сподели со останатите мушичари од Македонија, па се договоривме радосната вест да ја соопштиме со организирање на голем промотивен собир.
Речено - сторено!
Промоцијата се случи на 07 декември 2014 година, во одличниот амбиент на Кафе Бар Кула во “нашата” прекрасна Матка.
Одзивот беше онаков како што и очекувавме… околу 40 страствени мушичари, претежно од Скопје, претставници на различни генерации. Мушичари почетници и искусни “стари волци” седеа заедно!
Расположението отпрвин резервирано, но по Power Point презентацијата на активностите и плановите на МК Матка, видно порасна ентузијазмот кај присутните. Се говореше за историјатот на мушичарењето, неговото место и улога во современиот риболов, потребата од заштита на риболовниот фонд, но пред се и над се за потребата од мушичарски ревир.
Претседателството на клубот ги презентираше плановите за 2015 година, притоа истакнувајќи по една активност за секој месец во годината, а истите беа прифатени со голем ентузијазам.
Се редеа идеи, желби, барања… се почувствува силната желба за дружба, споделување на искуства, соработка, заеднички активности. Искрено воодушевување!
По претставувањето на кодексот на клубот беа пополнети бројни клубски пристапници.
Голема чест му беше укажана на клубот со присуството на по двајца мушичари од соседството, Србија и Косово, кои покажаа и докажаа дека мушичарењето има и друга димензија, димензија на искрено пријателство за кое на постојат граници и дека мушичарскиот јазик е универзален. Со нивното присуство собирот доби и регионален, односно меѓународен карактер.
По презентацијата се случи и она што обично се прави по повод вакви настани - веселба пропратена со музика која уште повеќе го качи расположението. Можеби поради тоа заборавивме да направиме и групна фотографија на настанот… но нека биде тоа сторено догодина кога се очекува уште поголема масовност. За многу години нека е!!!
Голема благодарност и до спонзорите на овој настан: Кафе Бар КУЛА и месна индустрија УКА Комерц - Скопје.
До следната ваква дружба - Бистро & Tight lines