top of page

Дел од мушичкарскиот "арсенал"

Игор Станчев и Илија Јовановски 

Втор собир на мушичкари

 

Во однос на првиот собир на мушичкари, овој вториов делуваше некако поорганизиран и поинаков. Поинаков пред се поради тоа што се случи на Треска, Матка, на потегот пред ресторанот "Мечкина дупка". Дојдоа триесетина љубители на мушичарењето, а забележливо беше и тоа што веќе некои од нив беа инвестирале во нова опрема (трски, вадерси, елеци, ранци и разни тракатанци). Дружбата повторно не недостигаше, и на крајот од убавиот ден се заврши со седенка во "Мечкина дупка".

 

Но да одиме од почеток. Денот е почеток на риболовна сезона на ревирот Треска крај Скопје, на потегот од брана па се до "Кула". Денот не толку студен за овој дел од годината (почеток на март), со сончеви периоди, таман за добро расположение. Овој пат бевме почестени и со присуство на ТВ екипата од "Ловечко Око" која изработи прилог за настанот. Илија кажа што требаше да каже и се "фативме" за мушичарење. Цела зима го бевме чекале овој ден и бевме навистина нестрпливи да си ја испробаме среќата. Велат по утрото денот се познава!

Се извадија и неколку ситни пастрмки, колку да ни помине меракот.

 

Вредно за споменување е и присуството на Атанасовски кој допатува дури од далечната Шведска само за да присуствува на овој настан. Секоја чест!

Посебно задоволство беше присуството и на "крапџиите" кои биле разбрале за настанот па решија да дојдат и да видат што се случува. Некои се осмелија и да се обидат да мушичарат. Се надевам дека во некое скоро време ќе бидат и дел од нашето друштво.

 

При крајот на денот неизбежна беше и дружбата на маса која малку потраа. Тогаш баш пристигна и Игор Станчев, великанот на македонското мушичарење и светско име во светот на врзувачите на мушички.

 

Се на се убав ден поминат во дружба и по малку мушичарење!

Во Мечкина дупка

Собирот прикажан во емисијата "Ловечко Око"

bottom of page