top of page

Мушичарски собир

Ниш, Србија

Во Ниш се одржа 9-тиот собир на мушичари во организација на мушичарската секција на риболовците од локалниот клуб. Главен организатор и модератор на настанот беше прославениот мајстор на мушичарењето Иван Ранѓеловиќ - Ранѓа, попознат и како Микс Мастер. Настанот се случи на 04 февруари 2017 година во ресторанот ББ Стар и ни претставуваше големо задоволство да ја прифатиме поканата за учество. МК Матка веќе подолго време одржува контакт со мушичарите од Србија и е радо виден гост на риболовните терени во Србија и пошироко, а нарочно на настани од овој тип.

На собирот присуствуваа околу 60 гости, а програмата беше доста богата и траеше 6 часа. Воедно настанот беше пропратен од локална ТВ станица и истиот помина во пријатна атмосфера.

 

Во првиот дел од настанот живата легенда на мушичарењето од бившо југословенските простори г-динот Сава Мартиновиќ демострираше врзување на отежната нимфа без тунгстен и на нему својствен и шеговит начин даде свое видување на мушичарењето, некогаш и денес. Врзувањето беше пренесувано на видео бим со цел сите да имаат можност да ја следат постапката, а на крајот Саво подели и неколку свои креации, а дел од нив завршија и кај учесниците од МК Матка.

 

Втор настапи сопственикот и уредник на сајтот www.musicarenje.net, Срѓан Бошковиќ - Мурино кој ги презентираше активностите на овој сајт и воедно го искористи моментот за доделување на награди по однос на конкурсот за врзување на мушички објавен на овој сајт. На конкурсот учествуваа и двајца врзувачи од Македонија, Филип Серафимовиќ и Александар Цветаноски - Цакуле, но за жал не освоија некоја од предвидените награди иако бурно навивавме. Вреден за споменување е и податокот дека наградниот фонд изнесување 700 евра во вредни награди.

Првонаградените беа:

  1. Владимир Трампа (Босна и Херцеговина)

  2. Ненад Живковиќ (Србија)

  3. Ѓорфи Жолт (Романиа)
     

Трет настапи Александар Кнежевиќ - Саша, сопственик на фирмата ЕУРОФИШ од Чачак, генерален застапник на брендовите Vision и Sage, кој претстави 2 мушичарски стапа: Vision ХО и Sage X. Добивме корисни информации за овие два врвни модели на реномирани фирми од Финска и САД, но имавме и можност да ги “протресеме”. 

 

Четврт гостин беше Г-динот Милан Стик кој специјално за овој настан допатува од Словачка. Тој е сопственик на брендот DOHIKU кој е многу популарен на овие простори, но и пошироко. Говореше за квалитетот на јадиците, а со себе донесе и каталози на Dohiku производите, но и подели голем број на јадици за посетителите.

 

На крајот настапи Драгослав Михајловиќ - Гага кој како што беше претставен е еден од најреномираните врзувачи на мушички во Србија, вистински “индустриски врзувач”. Несебично одговараше на сите прашања од посетителите и делеше бесплатни совети. Воедно и неговата ќерка Ивана покажа завидна вештина во врзување, што вооопшто и не е за изненадување.

 

По овој последен настап продолжи дружењето во некои од Нишките ресторани, кои баш таа вечер беа преполни, па тешко се наоѓаше слободно столче.

Се на се извонреден настан, толку посакуван за полесно пребродување на деновите кога сеуште на сила е ловостојот, но и за споделување на искуства и стекнување на нови познанства и пријателства.

До следното видување,

Бистро

bottom of page