Калифорниска (Виножитна) пастрмка (Oncorhynchus mykiss)
Засигурно најборбена слатководна пастрмка, па поради тоа и многу атрактивна за ловење. Потеклото го води од Северна Америка од каде е пренесена ширум Европа и светот. Многу погодна за одгледување во рибници поради големата брзина на раст. Преферира мирни и длабоки делови од реки. Ја карактеризира црвена линија долж телото и светол (сребрен) стомак.
Макс. должина: 60 см. Макс. тежина: 10 кг.
Распространетост: Природно живее во чисти и студени води (реки и езера), но добро се аклиматизира и на потопли води и средини. Се простира во Северна и Јужна Америка, Европа, Азија, Австралија, па и во некои делови на Африка. На Балканот е присатна во бројни реки, пред се поради бегство од рибници, но понекогаш е и намерно порибувана како што е примерот со Словенија, каде што ја има во скоро сите пастрмски води.
Други имиња: Калифа, Виножитна, Шаренка...
Мрест: Март до мај, во зависност од температурата на водата. Положува околу 2000 икри, најчесто на камења и карпи во подлабоки места. Во природни води во Европа не се размножува, иако во ретки случаи доколку и погодува температурата и квалитетот на водата, понекогаш успева и да се измрести.
Исхрана: Како млада се храни со ларви и инсекти, додека како зрела единка претпочита ракчиња и риби.
Лов: Се лови на нимфи, суви и мокри мушички, а покрупните примероци на стример. Воопшто не е внимателна при земањето на вештачките имитации (во споредба со поточната пастрмка или липљанот), а напаѓа мошне агресивно. Извонреден борец е и многу посилен од поточната пастрмка. Ја карактеризираат чести исфрлања од вода кога ќе се најде на јадица.