Мекоусна пастрмка
(Salmothymus obtusirostris)
Мекоусната пастрмка е ендемска врста на риба. Живее во мал број на балкански води и е многу ретка. Заедно со Охридската пастрмка и Белвицата, претставува најстар вид на пастрмка на балканот.
По изгледот наликува на комбинација од пастрмка и липљан. Устата и е многу мала и дебела, а забите вовлечени во усните, па поради тоа и го добила називот "мекоусна". Има дебелкасто и заоблено тело, додека главата и е зашилена кон долу како кај мрената. Црвените и црни густо наредени точки се простираат во најголемиот дел од телото, додека истите ги нема во близината на задната перка.
Живее во јата и во длабоките и студени делови од реката.
Макс. должина: 60 см. Макс. тежина: 6 кг.
Распространетост: Единствено се среќава во Неретва и нејзините притоки Брегава и Требижат (Босна и Херцеговина), Крка, Јадро и Цетина (Хрватска), како и во Зета и Морача (Црна Гора).
Други имиња: Мека, Злоуста
Мрест: Март до Мај. Се размножува при влезовите во поплитките притоки
Исхрана: Воглавно се храни со ларви, инсекти и ракчиња, а поретко и ситни риби.
Лов: Се лови пред се на нимфи, суви и мокри мушички, а многу ретко и на стример. Многу е повнимателна при земањето на вештачки имитации и тешко се лови. Мушичката ја зема многу нежно и неосетно. Се лови на ситни креации #16 и #18, па и помали.
Извонреден борец е кој често го менува правецот на бег кога ќе се најде на јадица, а не се ретки и скокови над површината на водата.
Поради малата и мека усна често се случува да отпадне од јадицата. Извонредно се камуфлира и вешто ја прилагодува бојата на телото кон средината каде се наоѓа.