Боговињското езеро е богато со поточна пастрмка која овде очигледно многу успешно се мрести иако во добар дел од годината е покриено со лед. Парчињата кои ги ловевме се со големина од 1-3 килограми, а сме имале на трска и поголеми, кои редовно наоѓаат начин да се ослободат или да го откинат конецот. Езерото има неверојатна популација на ларви т.н. “чаури” и камењарки во големина од 5-6 сантиметри. Покрај тоа рибата се храни и со жаби, скакулци, а во вливот на реката видовме и мал воден глушец.
И во некои од останатите езера има пастрмка, пр. Караниколичко и Црно езеро.
Боговињско езеро
Оваа година веќе неколку пати го одложувавме викенд риболовот на една од најатрактивните локации за лов на пастрмка во Македонија. Одлагавме поради лоши временски услови, поточно поради дожд. По врнежливо време е многу тешко да се дојде до Боговињско езеро на надморска висина од 1950 метри сместено на падините од Шар планина.
Конечно на крајот од август времето се стабилизираше, па одлучивме да одиме. Договорот беше да тргнеме во петок околу 16 часот во надеж дека ќе пристигнеме пред стемнување како би го подигнале кампот по ден, бидејќи планиравме 2 ноќевања. Веќе се знаеше кој што треба да земе и се потрудивме се да сведеме на минимум, бидејќи физички е невозможно да се дојде до самото езеро со возило, па ќе ни останат десетина минути одење по навистина стрма патека и преминување на река.
Самиот пат низ планината е приказна за себе. Воопшто не е препорачливо да се тргне на него без спремно теренско возило, што значи задолжителни 4х4. Пожелен е и редуктор или во најмала рака можност за блокирање на диференцијалот, а квалитетни гуми се прекупотребни поради острите камења. Дел од патот се вози низ ливади и грмушки, а често и низ дупки и бразди од скорешните дождови. На некои места се вози и низ кал. Некоја поблага варијанта на Camel Trophy.
По доаѓањето на висина од 1000 метри по асфалтен но многу кривудав и стрм пат, авантурата може да почне. Не чекаат 2 часа off-road возење низ планина испреплетена со бројни патчиња, па чести меѓусебни консултации се прекупотребни како не би го погрешиле патот. Во тоа многу помага и GPS-от. Илија е силно сконцентриран во возењето на неговиот Daster 1.5 dCi кој се покажа изненадувачки моќен и спремен за одговори на предизвикот. Повремено излегуваме од возилото како би го расчистиле патот од одрони.
Се вози по стрмни патеки, преку кои често поминува вода која како да извира од сите страни. На моменти се вози по ивици од провалии од кои застанува здивот. Возиме полека и внимателно. Не ни се брза. Стрмнините се големи и непрестано се кочи на удолнини. На угорнини се вози под полна гас во прва брзина без застанување. Возилото силно подрипнува но одолева на предизвикот. И така неколку пати. На некои места кривината не може да се фати од прва па има доста маневрирање. Се покачува адреналинот, што од страв и возбуда, што од неверојатната убавина на недопрената природа. Чудесно!
Повремено застануваме за да се ориентираме и да собереме печурки “Срндач” кои ги има во изобилство додека мирисот на планински чај се шири на секаде околу нас. Мирослав тврди дека добро ги познава овие печурки, а ние му веруваме. Ќе ја засилиме вечерашната гозба!
На езерото пристигнавме пред само стемнување и имаме озбилни проблеми да ги пренесеме сите работи одеднаш. За среќа се појавуваат двајца овчари од оближното бачило и сесрдно ни помагаат. Во темнина ги поставуваме шаторите веднаш до самото езеро на единственото пристојно рамно место. Изворот на питка и студена вода е веднаш до нас. И претходната година кампиравме на истото место така да огништето веќе беше спремно.
Оган палиме со дрва кои ги донесовме од дома бидејќи на оваа висина нема ниту едно дрво. Единствено по некоја грмушка од исушени боровници. Се спремаат колбаси, а овчарите ни носат и свежо сирење па со патлиџани и печурки имаме и вистинска гозба.
Со стемнувањето сериозно паѓа и температурата па облекуваме скоро се што сме понеле. Се вовлекуваме во шаторите и вреќите за спиење а огинот гори како би ги одвраќал евентуалните несакани гости. Сепак е ова планина, а додека вечеравме недалеку од нас приметивме и пар очи кои светлеа во темнината. Овчарите велат дека не е некое од нивните кучиња. Осветлуваме со батерија и гледаме силуета со големина на куче како полека се одалечува од нас. Не ни е сеедно. Испиваме по некое пиво пред легнување и се охрабруваме. Фејзула не пие алкохол па нему му е потешко. Уморот и алкохолот го прават своето па легнуваме да спиеме. Спиењето не е баш нај угодно поради ниската температура, па се покајавме што не понесовме уште џемпери. Ноќта поминува во задолжителен натпревар во рчење, а Мирослав убедливо победува. Во неколку наврати не буди лаење на кучиња од бачилото кое е на другиот крај од езерото.
Утрото се будиме околу 4 часот, а Мирослав како по обичај прв спремен и веќе зафрлил. Ние останатите вариме кафе и уживаме во тишината на утрото кое на оваа висина е нестварно. Ни кучињата веќе не лаат. Тревата е мокра како да врнело, а не врнеше. Сеуште е ладно. Сонцето ги огрева околните врвови и очекуваме да се јави и на совршено мирното езеро кое како да е од стакло. Во далечина се слуша бучење на водопадот од реката која се влива во езерото. Кафето баш годи и како да има некој посебно убав вкус овде. Мирот кој владее насекаде и нас не омамува. Некако сме блажено спори. Тишината је прекинува само Мирослав со неговиот на далеку познат roll cast.
Го набљудуваме езерото во исчекување на првите пастрмки. Не чекавме долго. Големо “шлапање” на само десетина метри од нас. Значи се разбудија пегавите. Се стрчуваме по трските кои се спремни уште од ноќеска и забавата може да почне!
Секој го форсира својот фаворит, а изборот и не ни е голем. Woolly Bugger и Muddler Minnow! Разлики само во боја и големина. Секој пат иста приказна. Што и да користиш овде сепак Muddler Minnow подобро проаѓа од Woolly Bugger. Зафрламе што е можно подалеку, а повлекуваме што е можно поспоро.
Овој пат јас ја добивам првата риба. Не е голема, но влече како да е. Во 30 минути добивам уште 3 парчиња од кои едната се откачува. Сите се исти. Околу 600-700 грама. Вадењето на рибата го отежнува алгата која ја има многу при крајот на езерото. Нешто подоцна и останатите се впишуваат. Се редат пастрмки од 200 гр. до 3 кг. Мирослав традиционално ја фаќа најголемата. Има најдолго зафрлање и тоа веројатно му помага секогаш да ја улови најголемата. Можеби во прашање е и нешто друго, но ако е така, тогаш љубоморно ја чува тајната. Сеедно, не сме на натпревар и сите сме задоволни со уловот. Повеќе - помалку :)
Самиот риболов не е баш лесен. Поради далечните зафрлања бргу се заморуваш, а искрено помалку е и монотоно она долго и споро влечење на стримерот.
Се обидуваме да пронајдеме некој евентуално поефикасен мамец. менуваме се и сешто. Различни типови, големини, бои, начини на влечење, но ништо. Повторно спороповлекуваниот мадлер е најуспешен.
Фејзула става голема камењарка во сува варијанта. При самиот допир со вода ја зема голема пастрмка, како да и фрлил во уста. Ја има неколку секунди на својот Sage Z-Axis и му бега. Разочарување, трескање со стапот по вода и смирување со цигара. Уште долго потоа се обидува со истата мушица, но без успех.
Илија се обидува со голема камењарка но во нимфа варијанта. Полека ја повлекува од дно кон себе и по неколку зафрлања добива удар. Водата се разбранува и ја видовме големата пастрмка на површина од вода како тресе да се ослободи. Следува кинење на типет 0,20.
Штама… само разменивме погледи и ништо не рековме. Не ни беше до зборење. Разочарување. Се обидува повторно и повторно, но без успех. Шансата е пропуштена.
Го обиколуваме езерото и вадиме по некоја пастмка. Илија вади една голема на мадлер но изненадувачки за сите, при самиот брег и тоа влечејќи го мадлерот многу брзо, како да лови буцов. Пред стемнување на истото место вади уште 2. Супер!
Доаѓаме до местото каде што се влива реката во езеро. и прави еден вид на делта. Тука тлото е многу меко и лесно пропаѓаме во тревата, па се движиме низ цврстото корито на реката. На прво влегување во малиот и плиток ракавец од реката се разбегуваат стотина мали пастрмчиња. Значи тука се кријат од поголемите браќа. Веројатно тоа е и местото каде што се мрестат. Се обидуваме да ловиме на самиот влив, но ветарот го менува правецот и засилува, па не можеме да зафрлиме доволно далеку. И тлото е со мил па лесно се пропаѓа. Се откажуваме и се враќаме на “нашето место”. Таму езерото е најдлабоко и најверојатно затоа има и најмногу риба.
Од десетината уловени риби задржуваме 4 со средна големина. Тие се за вечер со вино! Са секој по една. Впрочем на езерото е дозволено да се земат 4 пастрмки. Секако, доколку претходно се обезбеди дозвола, што ние и го направивме, а пред поаѓање и го известивме чуварот за нашето доаѓање. Значи, езерото се чува и има свој концесионер, па не е препуштено на мислост и немилост на риболовците кои за воља на вистината ги има многу ретко. Риболоват воглавно оние од околните села, од кои најблиското е на 1,5 час одење. Притоа ловат на методи и мамци кои и не можат да гарантираат некој голем успех, така да риба има навистина доста.
Околу 12 часот сонцето пече. Овде климата е “топло - ладно” и лесно може да се изгори па носиме и крема за сончање. Време е за ручек и пауза. Лежиме на трева и уживаме во околината и природата. Не ни се збори многу. Опкружувањето неминовно те тера размислување, онака опуштено. Размислувам за поопуштен начин на живот, за поблизок однос со природата, за името на езерото… Можеби сам Бог го создал за себе кога е така нестварно убаво и скриено. Баш сме среќлии што го откривме, а еве по пат на оваа репортажа го откриваме и за читателите на веб сајтот на МК МАТКА. Можеби и по малку за да се пофалиме…, но што да не… не е грев.
Тој ден неуморно ловевме. Повеќе и помалку успешно. Во текот на целиот ден дуваше страничен ветар и ги отежнуваше зафрлањата. Рибата не работеше баш како што очекувавме, но не ни сметаше.
Доаѓа време за вечера и гозба. Сложни браќа вечера прават!
Јас спремам салата со задолжителна ракија, Мирослав пече пиперки и печурки, Илија ги спрема рибите, а Фејзула е одговорен за оганот. Се отвора и шише бело вино. Спонтано се развива песна. Весело е! Веќе не обрнуваме внимание дали некои очи не демнат од темнината.
Не ни се оди на спиење и не ни се напушта огнот. Со Илија остануваме подолго, а Фејзула и Мирослав веќе спијат. Илија ужива во неговите пури, а јас сум им се настрвил на преостанатите печурки.
Не чека уште една студена ноќ во шатор. Облакаме се што може и на спиење. Сред ноќ се будам и имам мачнина. Дал сум се препил или прејал. Можда и двете. Топло ми е и како да немам воздух. Не е ваљда од печурките. По малку паничам. Гледам буден е и Илија. И него не му е добро. Излагаме од шатор на воздух. Во другиот шатор очито нема такви проблеми. Фeјзула не пиеше алкохол и спие како јагне, а Мирослав ја свири својата позната песна “хркалица”. Значи и нему му е добро. Јас на крајот изгледа сум се изнаоблекол премногу, а и некако се бев смотал во тоа вреќата па не можев да дишам нормално. Веќе ни е подобро. Лажна узбуна!
Утредента, пак Мирослав станал прв. Нешто не сум изненаден! Ми се спие, но би била вистинска штета да се преспие утрото. Додека да тргнам да ловам Мирослав веќе фатил неколку. Ако! Има уште. Не брзам.
Денес ветрот доаѓа порано, а со него и група планинари. Проаѓаат покрај нас и одат да го освојат врвот Бориславец на 2560 метри. Ние ќе се држиме за нашето езеро.
Овој ден уловот е нешто послаб, па одлучуваме порано да тргнеме за назад. Некаде околу 15 часот. Се пакуваме на брзина. Во вреќа собираме се што сме расфрлале и ѓубрето ќе го вратиме за Скопје. Ја сотаваме природата како што ја затекнавме, минус 4 пастрмки.
За назад одлучуваме да се вратиме по нов пат. Планот е некако да дојдеме до Попова Шапка. Се надеваме дека има пат до таму. Возиме покрај врвовите Титов врв, Голем и Мал Турчин, Рудока,… откривајќи ги убавините на планината и попатно собирајќи печурки (за боровинки сме закасниле). Среќаваме џип и го сопираме. Прашуваме за патот и добиваме прецизни информации. Ни олесна, сепак има пат!
Стигнуваме на Попова Шапка каде што се освежуваме и преку Тетово назад за Скопје.
Авантурата е успешно завршена! Остануваат убави спомени и фотографии на еден прекрасен викенд, мене прекупотребен пред почетокот на новата училишна година. Наскоро доаѓа есен и тешко ќе биде ова да се повтори пред следното лето. До тогаш не чекаат некои други дестинации. А догодина повторно тука. Здравје!
Овде паркиравме, а потоа пеш до езеро Натоварени
Максимално сме натоварени
Логорот на МК МАТКА
Шатор бр.1
Шатор бр. 2
Мирослав и Мире во акција
Извонреден колорит
Како во тундра
Шар планина крие 27 езера од кои 23 се наоѓаат во Македонија (останатите се во Албанија и Косово). Најголемо од сите е Боговињското езеро (400х200 метри), со најголема длабочина од 4 метри.