Општо
Основниот конец кој се користи во мучишарењето кај нас најчесто се нарекува “Шнур”. Најверојатно своето име го должи на германскиот израз Schnur што во превод значи “кабел” бидејќи во својот изглед и наликува на тенок кабел. Впрочем и во нашето поблиско опкружување се користи истиот назив за основниот конец. Како и да е поради широката распространетост и востановеност на изразот кај нас и ние ќе го користиме истиот израз.
Шнурот има една и единствена задача: да овозможи лесно и далечно зафрлање на мушичката која по својата тежина многу често е полесна и од 1 грам. Тој неретко ни овозможува зафрлања на мушичката и над 20 метри (во зависност од квалитетот на шнурот, трската, но секако и од вештината на мушичарот).
Шнурот е составен од јадро, обвивка и премачкување. Јадрото се изработува од плетен најлон кој му дава голема цврстина, додека обвивката е изработена од винил, ПВЦ, полиуретан и други полимерни материјали. Во суштина јадрото дава цврстина додека обвивката одредена мекост и заштита на јадрото од механички оштетувања. Најчесто обвивката на шнурот е премачката со тенок слој на разновидни смоли кои му даваат глаткост.
Должина
Стандардна должина во која се изработуваат шнуровите изнесува 27 до 30 метри, односно 90 до 100 фути.
Бидејќи многу често самата негова должина не е доволна за да се исполни макарата, како и поради тоа што при улов на покрупна риба би имале недостиг на конец за “борба” со рибата скоро да секогаш се користи т.н. backing (прев. поддршка) кој најпрвин се врзува на макарата, а потоа на него се надоврзува шнурот. На тој начин макарата е исполнета и имаме резервен конец за евентуална борба со поголема риба која би можела да го извлече целиот шнур од макарата.
Тежина/Сила
Силината на шнурот се одредува со AFTMA стандардот и се движи како и кај трските од 1# до 12#. Во случајот со шнурот неговата силина/дебелина/тежина се изразува во “grains” како што е прикажано на табелата десно. Ознаката за силината на шнурот секогаш се наоѓа означена на пакувањето на шнурот, така да сите кои немаат соодветно пакување не се препорачливи за купување.
Боја
Шнурот може да биде изработен во голем спектар на бои: бела, жолта (најзастапена), портокалова, зелена, сина, црна...
Бојата на шнурот нема пресудна улога при риболовот во однос на рибите (за нив е занемарлива), но има улога кај мушичарот, односно која тој ја смета за повидлива (ако сакате и посимпатична) за него самиот. Повидлива боја е полесно да се следи, што е битно за мушичарот како би можел полесно да ја одреди положбата и движењето на својата мушичка.
Класификација
Класификацијата на шнуровите знае да биде многу комплицирана, па затоа ќе се задржиме на основната:
- DT (double taper)
- WF (waight forward)
- ST (shooting taper)
DT (double taper, прев. двоен конус) шнуровите имаат карактеристика на економичност затоа што можат да се користат од двете страни (двата краја), па поради тоа би требало да имаат и двојно поголем век. Тоа се должи на нивната форма каде што целото тело на шнурот има рамномерна дебелина и отежнатост, додека самите краеви (последните неколку метри) се потенки и полесни, па поради тоа е сосема сеедно од која страна ќе го врзете шнурот за макарата.
Воедно се сметаат и попримерни за поблиски зафрлања, како и за “фина” презентација на мушичката, поради тоа што понежно ја допираат површината на водата, што пак се должи на помалата тежина на “главата” на шнурот.
WF (waight forward, прев. отежнат напред) шнуровите својата најголема отежнатост ја имаат во предниот дел поради што имаат и карактеристика полесно да се движат низ воздухот со што овозможуваат подалечни и полесни зафрлања во однос на DT шнуровите. Поради таа нивна карактеристика денес се најчесто користени од страна на мушичарите. Од друга страна при допирот со повржината на водата поради својата тежина на предниот дел се “покрути” и паѓаат “потешко” во однос на DT шнуровите.
ST (shooting taper, прев. исфрлачки конус) како што кажува и нивното име служат за екстра далечни исфрлања на мушичките. Нивната отежнатост на предниот дел е многу поголема отколку кај WF шнуровите. Од друга страна се многу проблематични за блиски зафрлања, па нивното користење најчесто се сведува на натпревари во далечинско зафрлање и евентуално во риболов на езера и големи реки каде што треба да се достигне некоја навистина голема далечина.
Поделба
Шнуровите по својата намена можат да бидат:
- Floating (пливачки)
- Sinking (тонечки)
- Intermediate (полутонечки)
Пливачките шнурови се првенствено наменети за лов на сува мушичка, иако можат да се користат и за лов на мокра мушичка, нимфа или стример. Нивна карактеристика е високата пловност и тие никогаш не потонуваат под површината на водата.
Тонечките шнурови се првенствено наменети за лов на нимфа и стример, а поретко на мокри мушички. Тие имаат карактеристика да тонат кон дното на водата. Според брзината на своето тонење уште се делат на споро, средно и бргу тонечки.
Полутонечките шнурови имаат својство на благо тонење и се движат во т.н. воден филм (десетина сантиметри под површината), па сходно на тоа служат за лов со мокри мушички и стримери.
Воедно постојат и шнурови кои се комбинација на претходните, пр. пливачки шнур со тонечки врв.
Пресек на шнур
класа
1#
2#
3#
4#
5#
6#
7#
8#
9#
10#
11#
12#
grains
60
80
100
120
140
160
185
210
240
280
330
380