Плива (Босна и Херцеговина)
Да се најдеш на петдневен семинар во Шипово, прекрасно место на реката Плива во Босна и Херцеговина (Република Српска) и притоа да си страствен мушичар, значи дека не смееш да ја пропуштиш можноста да зафрлиш макар на еден ден. Во таква ситуација се најдов и јас ова лето, еден месец по одржувањето на Светското првенство во мушичарење за 2015 година, кое се одржа токму на ова место. Еден од секторите на Светското првенство беше реката Плива каде што и престојував.
Речено - сторено!
Се најде слободно време (читај слободен ден) и со голема возбуда се упатив “себично” да го посветам на себе и својата страст - мушичарењето. А има ли подобро место од ова за тоа?!? Мислам дека нема!
Цената, солена!
Еднодневна дозвола чини 40 евра, но поради тоа што бев сместен во комплексот со кој стопанисува концесионерот на реката, дневната дозвола ме чинеше 30 евра. Добро, ќе остане за кафе и можеби некое пиво.
За таа цена добив можност тој ден да мушичарам на ревир во должина од 8 километри и притоа да бидам сам на целиот ревир. Неверојатно!!!
Управникот на ревирот Жељко Прпиќ беше љубезен да ми ги посочи најловните места на Плива, но и да врзе неколку мушички за кои тврдеше дека се многу ловни. Всушност врза 5 нимфи од кои 2 отежнати су тунгстен 3.0 (за побрзи текови кои ги има на почетокот од ревирот) и уште 3 нимфи со тунгстен 2.0 (за остатокот од реката).
Рече дека воглавно се лови на нимфи, со многу долг типет и како што тие велат “на видено”, односно и се зафрла на рибата која ја гледаш. А риби гледаш насекаде. Најчесто липљани кои воопшто и не се плашат од присуство на рибари. За разлика од нив пастрмките беа некако по претпазливи.
Реков ќе почнам со потешките нимфи на најблискиот брзак и ќе пробам со “чешко нимфарење”. Прво зафрлање и нимфата како да подзастана, контрирав по навика и за мене големо изненадување… од другата страна на трската имав прекрасен липљан од 40 см. Ме заплиска адреналин… прво зафрлање и веднаш риба. Липљанот некако многу борбен за својата големина, а јас целиот напрегнат… само да не се откачи… по кратко го имав во ќепче и се разбира сесија на сликање. Брзо, брзо го побарав Прпиќ да се пофалам. По честитките, добив и предупредување: “немој многу да се вообразиш, пошто Плива може и да те казни па ништо да не уловиш”. Не го послушав советот, па следеше казна: во наредните 2-3 часа никако да уловам риба. На долниот дел од реката каде тече полека, рибите се во изобилство, но никако да закачам некој липљан. Од време на време добивав пастрмка, но липљанот ми беше главна цел.
По некое време се појави Прпиќ и практично ми демонстрираше како се лови липљан. За само десетина минути, на мое големо чудење успеа да улови неколку. Ловеше на за мене многу чуден начин. Не користеше лидер туку директно на шнурот врза 3-4 метри типет 0,15, па на него уште толку типет 0,10. Зафрлаше само кон риба за која тврдеше дека се храни (доказ за тоа му е кога ќе види дека рибата се придвижува лево, десно, најверојатно прибирајќи нимфи). Оние кои седеа како заковани за дното ги игнорираше. Бидејќи нимфата не може да се види се лови на претпоставка каде се наоѓа и се контрира кога ќе се види дека рибата која ја ловиме ќе направи движење дека ја зема нашата нимфа. Звучи лесно, но всушност треба огромно искуство, за да се стекне чувство за ваков вид на риболов. Риболов на видено.
Како и да е, по краткиот час по риболов од Прпиќ, се обидов и самиот да ловам на тој начин. Не беше лесно, нарочно далечното зафрлање на нимфа без лидер и со 5-6 метри типет, но по неколку часа упорност сепак успеав. Задоволството на успешен улов неизоставно следеше. Па нормално кога се учи од искусен мушичар, кој пораснал на оваа вода. Се обидов да ловам на нимфи од македонски мајстори и нимфи кои самиот сум ги изработил, но без некој успех. Сепак локалните нимфи се она што пливскиот липљан го сака.
При крајот на денот се обидов да ловам и на суви мушички, но со слаб резултат. Најверојатно немав соодветни мушички. Сепак уловив неколку пастрмки, но не и липљан. Подоцна разбрав дека липљанот овде воглавно се лови на многу ситни суви мушички “крејица”, брзани на јадици број 18-22. Јас такви немав, па и не уловив липљан на сува. Затоа пак успеав да закачам уште неколку липљани на нимфа “на видено” и некако како да се опседнав од ваквиот начин на риболов, за кој локалните мушичари велат дека е врв во нимфарењето.
Како и да е Плива ме воодушеви со својата убавина, питомост и изобилство на риба. Си ветив, доаѓам повторно, а најмалку еднаш годишно на по неколку дена. Се надевам дека ќе успеам да го исполнам ветувањето!?!
Плива е вистинска убавица од река. Тече некако мирно и спокојно, без брзаци и со константна длабочина од 1 - 1,5 метри, а во најголемиот дел е исполнета со трева која како да сака да им пружи спокој на своите многубројни жители, пастрмки и липљани. Исклучитено студена со температура од 7 степени целзиусови, бара квалитетна опрема за движење низ вода. Затоа пак брегот на реката е многу “питом” и не е обраснат со дрвја и џбунови, па нуди задоволство на мушичарење од брег.
Најчесто се лови на нимфа, не многу отежната, големина од 14 до 18. Липљанот го има во изобилство, а постојат и примероци од 50+. Не се плашливи, но се многу селективни во хранењето. За разлика од нив пастрмките многу полесно се ловат.