Младица (Hucho Hucho)
Младицата е најголемиот предатор од родот на пастрмките (Salmonidae), со оглед на тоа дека достигнува големина од скоро 2 метри и 50 кг. Ретко го менува местото на своето живеење и претставува многу територијална риба. Примероци од 10 до 20 килограми важат за трофејни.
Макс. должина: 2 м. Макс. тежина: 50 кг.
Распространетост: Исклучиво чисти и студени води (реки и езера) од Дунавското сливно подрачје. На Балканот се среќава во Словенија (Крка, Сава, Соча, Идријца и др.), Босна и Херцеговина (Уна, Дрина, Лашва), Србија (Дрина, Ѓетиња, Нишава), Црна Гора (Тара, Лим, Плавско езеро). Нејзиниот близок роднина (Hucho taimen), може да се најде во Азија, пред се во Сибир и Монголија.
Други имиња: Дунавски лосос, Кралица на пастрмките, Сулц (Словенија)
Мрест: Март до април. Полно е зрела во 5-та година кога веќе достигнува должина од 50-60 см. Се мрести во плитка вода и полага од 10.000 до 25.000 икри.
Исхрана: Воглавно се храни со риби и ракови, но додека е помлада, на менито и се наоѓаат и инсекти и црви. Не се храни секојдневно, а кога ќе се нахрани знае долго да мирува во подлабоките вирови каде што и најчесто пребива. Најрадо се храни ноќе.
Лов: Се лови на стримери кои неретко се подолги и од 15 см. Неопходна е трска посилна од #5 и типет не потенок од 0,20 см. доколку се претендира на трофеен примерок. На јадица е неверојатно борбена и силна, и знае да искокува од водата при борба. Нејзините бројни и остри заби со леснотија можат да го прекинат типетот. Младицата уште е позната и како “риба на 1000 зафрлања”, бидејќи тешко и ретко се лови. Најчесто се среќава во подлабоките делови на реките и неретко се лови во зимски денови или пак денови со нестабилно и лошо време, кога е и најактивна.