top of page

Река Лим - Црна Гора

Некако како да има се помалку риби во водите ширум Македонија. Други би рекле дека никогаш порано не било полошо. 

 

Желни за води со поголем фонд на риба, но и желни за промена се решивме да одиме на риболов надвор од Македонија и да видиме како е на други места. Не отидовме далеку. Се упативне на многу фалената река Лим во Црна Гора. Сакавме да се опробаме во лов на пастрмка на некои други води, но пред се и над се да се опробаме во надмудрувањето со липљан, а зошто да не и со младица. Тоа се риби кои природата не ги дарувала во нашите води и за нас претставуваат посебен предизвик.

Решивме да одиме на 3 дена, петок сабота и недела. За да не одиме на слепо претходно по совет на нашиот пријател Бујар од Косово резервиравме сместување кај Џевад Крциќ во Плав, кој што е всушност и шеф на рибочуварската служба, а воедно и извонреден мушичар.

Тргнавме на полноќ и по 5 часовно возење пристигнавме на разденување. Не знаевме каде точно е најдобро да се риболови, па се одлучивме да пробаме на самиот почеток на реката, односно онаму каде што Лим истекува од Плавско езеро. Само што пристигнавме и изненадување… сведоци бевме на “бркање” на некоја крупна риба за која не можевме да утврдиме што е, но ни го покачи адреналинот и возбудата нагло порасна. На брзина отворивме трски, се рапоредивме на потегот и почнавме да “мавтаме”.

Недолго потоа, во самите мугри дојде и рибочуварот Меро.

- Добро утро.

- Секое добро пријатели.

- Како сте?

- Добро, еве желни за добар риболов.

- Од каде сте?

- Од Македонија, Скопје.

- Оооо, добро дојдовте браќа Македонци.

- Добро ве нашле…

…Се разврза пријателски муабет и се разбира се платија дозволи. Еднодневна дозвола чинеше 10 евра, а советот што, кога, каде, како и на која мушичка да се лови беше бесплатен. Правилата се дека се лови со една мушичка и строго важи принципот “фати - пушти”. Земањето на рибата е најстрого забрането, а мушичарскиот ревир е во потег од 4 километри.

Меро посочи дека тоа што може да се лови се пастрмка, липњан и младица во целиот тек на Лим, додека во погорниот кај што бевме и ние има и посебен вид на ендемска пастрмка наречена Блатњача (многу слична на Охридската пастрмка) која влегува од езерото, а може да порасне и до 10 кг. Тука во горниот тек има и изобилство на штука, но и многу бојник. Љубезниот Меро ни препорача да се упатиме на подолниот тек од реката во местото наречено “Булатовиќ”, а ние секако го послушавме.

 

Местото, фантазија! Помалку наликува на нашата Треска во делот на Матка само што тука има риба “плева”. Додека ја проаѓавме реката видовме и неколку липљани. Рековме - тоа е тоа, ги “утепавме”. Набргу потоа почнаа и да “бучкаат”, односно нежно да земаат мушички од површината. Тоа го правеа многу поелегантно во однос на пастрмките и воопшто не може да се видат целосно исфрлени над површината на водата како што знае тоа да го прави пастрмката.

 

Се пуштивме во “мавтање” со голем ентузијазам и верба дека од толку риба нешто ќе уловиме! Јас и Илија на сува мушичка, а Перун проба на нимфа. Недолго потоа се јави Перун со она познато “еве ја”, и извади еден мал липљан. Големите никако да се прелажат, а ние само менувавме мушички. Секој од нас пробуваше со своите фаворити, но успех немаше. Решив сепак да го послушам Меро и да ставам “red tag” на јадица 16 и недолго потоа го имав својот прв липљан. Имаше над 35 см а тоа е веќе пристојна големина за оваа риба доколку се знае дека за сериозни капиталци се сметаат примероци од 50 см.  Пружи некако чудна борба, влечејќи кон длабочината и воопшто не се исфрлаше над површина, а на моменти имав впечаток дека сум го закачил за опаш или перка бидејќи се бореше на грб. Кога и наредните се однесуваа така сватив дека всушност таков им  е стилот.

Полека, полека, им го најдовме “тертипот”. Па сепак ни е прво искуство. Во наредните денови се редеа ред липљан, ред пастрмка, но ни трага од младица иако Илија секое утро и вечер се обидуваше да улови некоја на стример. Затоа пак беше награден со една убава штука. Младицата ќе почека некое следно доаѓање. Сепак, имавме задоволство да видиме една младица уловена од нашиот новостекнат пријател Мурино кој го сретнавме и запознавме на Лим, инаку сопственикот на сајтот musicarenje.net. Беше љубезен и да ни дозволи да се сликаме со неа, а паднаа и договори за следни средби и соработка.

Липљаните ни беа најчест и најброен улов, а имаше и завидно големи примероци од 40 см.

 

Најголемо задоволство претставуваше можноста во текот на целиот ден да се лови на сува мушичка. Дури во средината на денот како да работеше подобро отколку наутро. Вечерите беа посебна приказна. Неверојатно колку многу риба се јавуваше во исто време кога ќе започнеше вечерното роење на мушичките. Скоро насекаде. Толку многу што не можеш да утврдиш дали е нападната твојата мушичка или некоја природна покрај неа. Мислам дека тогаш имавме и најмногу промашувања. Но и тоа е дел од играта.

 

Се на се извонредно доживување. Патот до Плав не е долг, 4-5 часа возење од Скопје. Сместувањето кај Џевад беше “екстра” и не чинеше по 10 евра од човек на ден. Две соби кујна, купатило со топла вода, ТВ, интернет, милина. Луѓето пријатни, особено чуварите, Меро и Теро. Лим прекрасен и изобилува со риба. Рибокрадци воопшто нема и нималку нема да погрешат сите кои би се одлучиле да го посетат Лим во ревирот Плав. Најтопло го препорачувам, а инаку на ревирот воопшто и не постои период од годината кога е забранет за мушичарење. Се мушичари 365 дена во годината.

 

Дефинитивно доаѓаме и следната година и таа по неа и таа по неа и… здравје!

 

 

 

 

 

10480169_10203862044328437_4451160967216619226_n.jpg
image-301f60a47e9d8d73c732955fe6ceb7e6311683573aefb46781aa910ec84a64ec-V.jpg
image-255205eccb6271180126c56598d5d2640a4f9cb0def6c9fed329e376eca477d3-V.jpg
image-47c21142fcf5a55b806687593fca5a4a6f1f7fa094358d95c644e46ae00c6254-V.jpg
033716889.jpg
033716992.jpg
033717018.jpg
033717672.jpg
033717024.jpg
033717947.jpg
033717919.jpg
033717806.jpg
033717688.jpg
033717145.jpg
033717096.jpg
033717076.jpg
033717055.jpg
033717035.jpg
bottom of page