Ракчиња (Gammarus)
Гамарусите се во суштина многу ситни ракчиња кои живеат во скоро сите реки, па и езера. Живеат на дното од водите и најчесто се ноаѓаат закачени за речните треви, разни растенија и камења во водите. Некои реки (пр. Треска), изобилуваат со гамаруси, а некои пак се посиромашни со нив (пр. Радика).
Гамарусите се наоѓаат во различни големини и бои. Најчесто се со големина од неколку милиметри, па до 2 см. Варијацијата на бои се протега од безбојни, преку бели, жолти, портокалови, зелени, до кафени и црни. Во суштина, гамарусот ја прилагодува својата боја на околината, но воедно може и да ја менува во текот на годината. Дури кога ќе угине гамарусот станува портокалов, поради големото присаство на каротен кое го содржи во себе (како кај морковот). Така да во жива форма не можете да го најдете портокалов, освен во време на размножување кога женките добиваат портокалова нијанса. Се хранат со растителни и животински трулежи и имаат улога на прочистувачи на водите.
На главата имаат пипци, а опскрбени се и со бројни ножиња кои им помагаат за движење низ водата. Делуваат мошне незграпно додека се движат, но се сепак доста подвижни. Интересно е дека предните 3 пара на нозе ги користат за пливање, додека задните 4 пара за потскокнување.
Често се на менито на рибите, па затоа и се обидуваме да ги изработиме во форма на вештачки креации. Можат да се сретнат во текот на целата година, а во зимскиот период на некои реки се всушност и единствениот извор на храна за рибите. Инаку поседуваат многу силен пигмент, па често рибите кои се хранат со нив добиваат колорит според бојата на гамарусите.
Нивниот животен циклус не е воопшто комплициран. Се размножуваат во текот на целата година, но најинтензивно во лето и се неверојатно плодни. Во текот на својот живот, често се "пресоблекуваат", заменувајќи ја тесната кошулка со поголема и на тој начин растат.
Иако не припаѓаат во родот на мушички, сепак ги свртуваме во оваа рубрика бидејќи се омилени не само кај рибите туку и кај мушичарите.