Општо
Макарата е неизоставен дел од мушичарската опрема и нејзината основната намена е да го држи конецот (шнурот) за зафрлање. Без нејзе би имале големи проблеми со заплеткување на шнурот. Воедно служи и за “балансирање” на трската така да имаме чувство дека трската е полесна отколку што навистина е, а тоа помага при подолг риболов (помал замор).
Друга важна особеност на макарата е нејзината улога при заморувањето на рибата бидејќи поквалитетните макари имаат и т.н. “кочница” која овозможува полесно или потешко извлекување на шнурот од истата. Тоа многу помага при “борба” со поголеми риби кога постои можност да го прекинат типетот, односно лидерот и спречува “губење” на рибата.
Материјали
Материјалите од кои се изработуваат можат да бидат различни, од пластика, па преку карбон до алуминиум. Пластичните макари се лесни но не се долготрајни, додека оние од карбон се многу поцврсти и подолготрајни. Во последно време најпопуларни се макарите изработени од алуминиум поради својата мала тежина и извонредна цврстина (долговечност).
Големина
Големината на макарата всушност е одредена од големината на шнурот кој го носи, така да и тие се класифицираат според стандардите одредени за шнур. На секоја макара постои испишана ознака одредена со AFTMA системот. Макара со ознака 4# би требало да носи шнур 4# и да биде впарена со трска 4#. Неретко макарите се двобројни (пр. 4/5#)или тробројни (4/6#), што значи дека можат да носат различни големини на шнур.
Типови
По тип макарите ги делиме на длабоки, средно длабоки и плитки. Тоа се однесува на просторот каде што се складира шнурот. Кај длабоките осовината на која се намотува шнурот е со помал дијаметар, додека кај плитките таа осовина има поголем дијаметар.
Предноста на плитките макари е што помалку го искривуваат шнурот, а воедно и побргу го намотуваат на макарата, па поради тоа во последно време се најчесто користени од мушичарите.
Купување на макара
Уште една неблагодарна задача е да се препорача модел на макара. Цените на макарите како и кај трските можат да бидат во многу голем распон. Најчесто од 20 до 400 евра. И овојпат би препорачале средна цена од 100 до 150 евра. За таа цена би можело да се набави макара од реномиран произведувач, изработена од алуминиум, со плитко полнење, добра кочница и тивка или бесшумна при работа (во зависност од вашите афинитети). За дизајнот или бојата на истата е неблагодарно да се говори и изборот е сепак на оној кој купува.