top of page

Драговиштица и Љубатска (Србија)

Јужниот дел на Србија во околината на Босилеград изобилува со мали и чисти планински реки. Долго се договаравме со Мирослав да одиме и ете дојде време и за тоа. 

Извадив еднодневна дозвола која изнесува 8 евра (Мирослав има годишна дозвола која чини 50 евра) и се упативме за Босилеград. Инаку тука рибочуварската служба е навистина ревносна и дозволено е да се земат до 4 примероци поголеми од 30 см., додека риболов без дозвола драстично се казнува. Додека патувавме, Мирослав објаснуваше дека во минатото реките биле многу побогати со риба, но некои од нив целосно се пресушени и уништени (како Божичка река која сега има многу малку вода) со изградбата на мали хидроцентрали, а тој процес на нивна изградба сеуште трае. Навистина штета!

Видливо е дека во минатото тука населението било многу побројно, додека сега делува како доста напуштен крај. Од друга страна тоа е она што им одговара на мушичарите, а впрочем и на рибите.

 

Најпрвин ја посетивме реката Љубатска. Извонредно чиста вода за која Мирослав тврдеше дека е преполна со Македонска пастрмка и беше во право. Пастрмки има во изобилство, делуваат мошне здрави и се со извонреден колорит. Не се со некоја посебна големина, вообичаено 20 до 30 см, иако понекогаш се ловат и покрупни примероци, но секако не лесно и често. Реката е долга 15-тина километри и покрај неа се движи асвалтен пат. Љубатска река е со каменито дно, не многу широка (4-5 метри), но кривулеста и скоро на секоја кривина има вир, а во вировите се знае… демне пастрмката. Други видови на риба нема.

Ловевме со нимфарска техника на 2 нимфи, зајачко уво и фазан. Класика!

Реката е тешка за движење и зафрлање поради големата зашуменост и надвиснати дрвја. Воедно е неопходно прикрадување и константно мушичарење во наведнат или клекнат став бидејќи рибите се многу плашливи. Кога се на јадица пак се извонредно борбени и преставува вистинско задоволство да се ловат. Тој ден имавме по 30 - тина пастрмки. Вистинско задоволство беше и да се престојува во таа убава и чиста природа, без гужва од риболовци.

 

За следниот викенд одлучивме да ја посетиме реката Драговиштица. Таа е со приближно иста големина како и Љубатска, но по питома и со песокливо дно па поради тоа и не толку бистра. Се формира со спојување на реките Лисинска и Љубатска, непосредно пред Босилеград. Бидејќи поминува низ Босилеград, видливо е и присуството на смет кој е се поредок како се доближуваме до границата со Бугарија, каде шро Драговиштица се влива во Струма.

 

Овде исто така има изобилство на македонска пастрмка. Како да ги има повеќе отколку во Љубатскаа и некако се поголеми. Реката не е толку кривулеста и тече по споро. 

Повторно ловевме на нимфи и успехот беше забележителен. За разлика од Љубатска каде што во еден вир имавме само по една риба, овде се случуваше во еден вир да добиеме и по 5 риби. 

Драговиштица не награди и со неколку поголеми парчиња на пастрмка. Мирослав ја доби својата најголема риба во најголемиот брзак каде што водата се пенеше од брзина и силина. Јас пак немав среќа да ја извадам својата најголема пастрмка на оваа река која се откачи (види видео).

 

На оваа река веќе има и повеќе риболовци, веројатно поради близината на градот. Сите локални риболовци ловеа на мепс блинкери или на васер кугла. Тука за првпат се сретнав и со комбинирана техника блинкер - васер кугла, при што зад васер куглата ставаат 3 мушици, а зад нив блинкер. Ние бевме единствените кои ловат на класичен мушичарски начин.

Најдобро време за лов е пролет додека сеуште не се зашумиле дрвјата и не пораснала тревата и многубројните грмушки кои оневозможуваат да се движиш по реката.

 

Бидејќи бевме близу до Бугарија, а Драговиштица таму се влива во Струма, рековме ајде да пробаме да мушичариме и таму. 

 

Таму реката е веќе поголема, бидејќи непосредно пред границата во неа се влива Бранковачка река, но бевме разочарани кога увидовме дека постои и мала брана која знае да го поремети водостојот што беше случај тој ден. Добро, бевме, видовме и сега знаеме.

 

Се на се извонредни места и реки кои пружаат задоволство за мушичарење, доколку сте љубител на нимфарска техника. Лов на сува мушичка е возможен но со многу напори и на ретки места. Ловење со стример исто така не дава резултати., а и тешко е изводливо. Сепак нимфарењето е добитна комбинација тука.

 

Ја посетивме и Лисинска река која е најмала од наведените, па поради тоа и со најмали риби. Таму имавме среќа да го сретнеме и нашиот прославен мушичар Игор Станчев кој има своја викендица во  непосредна бнлизина на Лисинска река и токму тука ужива да ги тестира своите извонредни креации.

Се споделија искуства, се направи убав мушичарски муабет, се напивме кафе и ракија и среќни и задоволни од убаво поминатиот ден се вративме за Врање, односно Скопје.

Некако сум повеќе од сигурен дека и догодина во март и април ќе се навраќам на овие води. Ми се допаѓаат! Нудат извонредно спортско мушичарење за душа!

20160430_120143

20160430_120143

20160409_111838

20160409_111838

20160402_132503

20160402_132503

20160409_121811

20160409_121811

20160409_125202

20160409_125202

20160430_084348

20160430_084348

20160416_111120

20160416_111120

20160409_101917

20160409_101917

Describe your image.

bottom of page