top of page

Река Тара (Црна Гора)

Тргнавме од Скопје околу 02:30 со намера изутрина да бидеме на Тара во ревирот Мојковац, Црна Гора. Веќе ме беше фатил умор на некои 30-тина километри од Мојковац, кога одлучив да паркирам и малку да одморам. Ионака беше сеуште темно и прерано за риболов. Илија веќе од пред еден час го има спуштено совозачкото седиште и се обидува да заспие. Густата магла на граничниот премин “Кула” помеѓу Црна Гора и Косово го стори своето. Бевме силно напрегнати обидувајќи се да препознаеме каде се завршува патот и да не излетаме од него. Не се сеќавам кога последен пат се имам најдено во таква ситуација на густа магла. Згора на се, штом излеговме од маглата не дочека и дожд. Претходната ноќ воопшто немав спиено и на пат тргнав веднаш по семејната прослава на мојот 51-ви роденден. Сега го плаќам данокот на неспиење.

Го спуштам седиштето и се обидувам да заспиам додека дождот се посилно врне. Размислувам дека ни пропадна риболовот поради силниот дожд, но и се тешам дека можеби токму ваквото време е погодно за риболов на младица. Младицата е и нашата главна цел и тргнавме на овој пат со цел да ја уловиме по прв пат. Набргу и заспав.

Се будам околу 08:00 и се чувствувам доволно наспан за да продолжам да возам. Илија ме прашува - “можеш ли?”, па откако добива потврден одговор, се врти на друга страна и продолжува да спие. Ни тој немаше спиено претходната ноќ. 

Дождот веќе престана кога дојдовме до Мотел Мост во Мојковац, а внатре двајца мушичари веќе го пијат своето утринско кафе и се подготвуваат за риболов. Се поздравуваме. Еден е Борис, локален мушичар и водич со кого се знаеме од претходно. Другиот е Александар од Скопје, кого го имав запознаено на скопска Треска. Александар е долгогодишен крапџија со намера да се “преквалификува” и да се опроба во мушичарење. Донел правилна одлука да започне со мушичарење на убава и богата со риба вода како што е Тара. Притоа, во придружба на искусен мушичар како што е Борис, успехот не може да изостане. Александар вели дека е презадоволен од претходниот ден кога на сува мушичка ловеле и пастрмки и липљани. За денес планот им е да нимфарат. За кратко доаѓа и Петар Вучиниќ, сопственик на мотелот и еден од концесионерите на ревирот. Резервиравме соби и извадивме дозволи, па на прашањето на Петар - “што сакате да ловите?”, во глас одговараме - “Младица”! Вели дека ќе не одведе на место каде што ја има и така и бидна.

 

Тара преубава и со нешто понизок водостој од вообичаеното. Вировите длабоки и широки, а водата кристално чиста. Ја подготвуваме опремата, а Петар се обидува да лоцира некоја младица, бидејќи како што вели најдобро се лови “на видено”. Веќе се бевме размавтале кога Петар не повика бидејќи видел младица. Доаѓаме, па и самите се уверуваме. На дното, во длавочина од над 1,5 метри, лежи убава младица од некои 70 см според наша проценка. 

И зафрламе разно-разни стримери од двете страни на реката. Стримерите проаѓаат покрај неа и над неа но таа не реагира. Како веќе да се прејала и сега само одмара на дното од реката. Ние упорни! Зафрламе од сите страни и на сите начини, но бадијала. Изменивме се што понесовме во форма на стримери но таа ни да се помести. По некое време Илија кој има подобар преглед на рибата од мене вели дека дошла уште една младица и за разлика од претходната е видно поголема и некако пораздвижена. Се задржала минута-две и се упатила во најголемиот брзак. Во ред, нема да ни пречи и доколку таа се одлучи да земе од стримерите кои ги нудиме.

Веќе долго ловиме без успех, па ја менуваме локацијата, но други младици не гледаме. По некое време повторно се враќаме кај “нашата” младица, а таа сеуште незаинтересирано лежи на дното. 

Доаѓа и време за ручек, па одиме до мотелот, за да повторно се вратиме на истото место во намера конечно да ја уловиме. Попатно добивам совет од Борис да користам брзотонечки полилидер како би го довел стримерот поблизу до дното, а Петар советува да ја барам младицата во најголемиот брзак на влезот од вирот. Ги прифаќам и двата совета и ставам екстра брзотонечки полилидер (среќа па сум понел), додека Илија веќе цел ден лови со тонечки лидер и шнур, но користи полесни стримери од мене. Јас го ставам најтешкиот стример кој го имам и специјално го имав врзано за овој риболов. Го нареков “Mucho Mucho” во надеж дека ќе ми донесе некој “Hucho Hucho” (латинско име за младица), имајќи во предвид дека се римува. Стримерот има некоја светло портокалова боја многу блиска до бела, но кога ќе се потопи веке е видливо портокалов. Долг е скоро 15 см. Не знам колку е ефикасен но го направив од материјали кои што ги имав. Дотогаш претежно зафрлав на црни стримери, но очигледно без успех.

Зафрлив веќе 20-тина пати и баш во моментот кога се префлав од една карпа на друга, осетив како стримерот да се заби во камен. Помислив, од каде сега камен кога цел ден зафрлав на исто место и не успеав ни приближно да дојдам до дното. Одненадеж, “каменот” почна да се движи?!? Извикав - “Илијааа, риба е”! 

Рибата се вовлече во силната струја на Тара и немав никаков избор освен да ја следам каде што тргнала, а тргна низводно. Теренот каде што стоев беше многу стрмен, а длабочината на водата преку 2 метри. Немам никаква идеа како да ја совладам и во прв момент не ни размислувам за тоа. Најмногу од се ме интересираше колкава е?!? По неколку минути гледам дека нешто навистина големо засветли во водата, за да момент потоа силно ја разбурка површината на водата обидувајќи се да се ослободи од стримерот. Тогаш веќе знаевме дека е младица и дека е долга околу еден метар, а и Илија кој цело време снима со телефонот прави иста проценка. 

И претходно претпоставував дека е голема младица бидејќи влече мнооогу силно и некако праволиниски што и не е карактеристика на пастрмките кои знаат и да менуваат правец на бегство. Сега веќе на големо размислувам како да ја “насукам” младицата на брег, бидејќи очигледно  е преголема за во ќепче, а не можам ни да ја подигнам на некоја од околните карпи. Најблиското место за “насукување” е на некои 50 метри надолу, па полека се обидувам да ја наведам до таму,  но таа оди кај што сака и кога сака.

По 20 минутна борба и страв да не се откачи или да не попушти типетот дебел 0,22 мм, младицата се умори. Во меѓувреме Илија ја премина реката и од втор пат успева да ја стави во ќепче. Всушност само 1/3 од рибата беше во ќепчето, па има сериозен проблем да излезе од вода со неа. Му помагам да ја изнесе на суво и започнува нививачка радост и честитање. Како и не би, кога ми е ова прва младица и тоа на прво наменско риболовење на истата. Следи фотосесија, но најпрвин мораме да го извадиме “Mucho Mucho” од устата на младицата која длабоко го проголтала стримерот, па е вистинско чудо како не го пресекла конецот со острите заби. Колку се остри забите почувствува Илија додека го вадеше стримерот, а попатно се изгреба од нејзините заби до толку да почна да крвари. 

Фотосесијата ја правиме забрзано со намера што побрзо да ја вратиме истоштената рибата во вода. Ја пуштаме со желба повторно да се врати и да ги донесе и роднините. Ништо не прокоментира! Само полека се одалечи на другиот крај од Тара. 

Јас целиот возбуден и сеуште во неверување колкава риба сум уловил, заборавив да ја измерам колку е долга, но повеќе од сигурни сме дека има 1 метар и  некаде околу 10 кг.

Бидејќи остана уште најмалку еден час до мракот, Илија продолжи да ја “брка” онаа помалата која сеуште си беше на исто место, а јас очигледно сум ја уловил поголемата која се врткаше низ вирот. Додека Илија зафрла, јас седам полн себе и размислувам што и како се случи. “По оваа риба можам да се пензионирам”! Тоа го имав изјавено додека ја заморував, молејќи се да не се откачи или прекине предвезот. Полека ми се смируваат рацете и нозете од силната возбуда. За утре одлучив да ловам пастрмки и липљани. Оваа младица е сосема доволна, а мисијата исполнета. Се надевам дека Илија ќе ја има истата среќа, ако не денес тогаш утре.

Одиме во Мотел и на прашањето “како беше”, следува гордо покажување на слики и видеа. Малку фалба и чалам нема да штети никому. Па и заслужено е :)

Петар воодушевен од уловот, а уште повеќе што сум го прифатил неговиот совет каде да го провлекувам стримерот. Доаѓаат и Борис и Александар, кои исто имале успешен нимфарошки ден. Тука се и двајца скопјани кои го дружат Александар на ова патување, па се собра достојна екипа за прослава на успешниот риболовен ден. Дајте музика!!!

Инаку, користев трска Sage One ‘9 #5 која се покажа достојна за борба со младица од околу 10 кг. Машинката која ја користев беше Danielsson Original DryFly и се однесуваше сосема во ред имајќи во предвид дека нема класична кочница. Шнур TT Royal Wullf #5 пливачки со брзотонечки лидер Sameo од 9 фити и предвез од 0,22 мм.

 

Малку и за самиот ревир и домаќините!

Ревирот е доволно долг и убав за повеќедневен риболов. Има бројни мали и големи вирови и брзаци, плитки и длабоки места. Значи за сечиј вкус. Може да се лови на сува и мокра мушичка, нимфа и стример, а од рибен фонд има младица, пастрмка (поточна и калифорниска), како и липљан. Единствено што липљанот ретко достигнува големина од 40 см.

Дозволата од 10 евра на ден е сосема во ред, а близината на градот е додатен бонус. Сместувањето во Мотел Мост и повеќе од добро за нас мушичарите. Храната во мотелот извонредна, а цените достапни. Топло го препорачувам овој ревир без обзир дали сте се упатиле во лов на младица или некоја друга риба. Не смеам да го заборавам и извонредното гостопримство и несебичност на домаќините. Секоја чест!

0-02-04-6d3b02bd8ac05614c82aef1461deb455
IMG_20181021_104258.jpg
0-02-04-7ec5be12b43dd81d6c822dc5fda630e7
0-02-04-6acb7488594210891f7161d89d8c59e7
44765803_1937654649683517_68538340785258
IMG_2282.jpg
IMG_2291.jpg
IMG_2286.JPG
IMG_2294.jpg
44398789_706051966460462_539006697016079
0-02-04-93b77fabd817edcbd07442aa25c56ba5
bottom of page