ЧИЗМИ И КОМБИЛИЗОНИ
Најголемиот дел од риболовниот ден мушичарот го проведува во вода. Неретко водите се планински и студени реки, па поради тоа заштитата на телото (нозете пред се) е неопходно. За слободно движење низ водата неопходна е и соодветна опрема. Притоа најчесто се користат чизми или комбилизони. Истите можат да бидат изработени од гума, ПВЦ материјал, неопрен или GORE-TEX материјал. Текстов треба да разјасни некои основни карактеристики и да даде препораки за соодветна опрема за движење во вода.
Гумените чизми и комбилизони се можеби и најчесто користени од мушичарите во Македонија. Нивната предност во однос на останатите е што се релативно ефтини, цврсти и лесни за облекување, но сепак нивните недостатоци се многу побројни: крути за носење, лоши изолатори од студената вода, недоволно високи за подлабоки места. Воедно доколку не се одржуваат соодветно (да се чуваат во исправена положба, односно да не се превиткуваат при транспорт) можат да се оштетат и да пропуштаат вода.
предности:
ниска цена на чинење, лесни за облекување, водоотпорни.
недостатоци:
слаби изолатори, предизвикуваат потење, крути.
ПВЦ чизмите и комбилизони се многу застапени во нашата средина поради својата ниска цена и задоволителни карактеристики, но немаат висока изолаторска моќ, а воедно се и доста осетливи на механички оштетувања кои неретко се случуваат при движење низ зашумени делови од бреговите на реките.
предности:
ниска цена на чинење, лесни, погодни за транспорт и движење, водоотпорни.
недостатоци:
слаби изолатори, предизвикуваат потење, неотпорни на механички оштетувања
Дишечки чизми и комбилизони се најсовремениот тип на опрема за движење во вода на денешницата. Изработени се од материјал кој е извонреден изолатор, а воедно има и способност на “дишење”, односно не дозволуваат потење. Материјалот е извонредно лесен и овозможува сосема слободно и природно движење. Имаат задоволителна цврстина и отпорност на механички оштетувања. Едноставно не може да им се најде некоја посебна забелешка, сем високата цена. Овој тип на опрема станува многу популарен помеѓу мушичарите.
Своето име GORE-TEX го добиваат според првиот назив за материја со такви својства кој е произведен од светски познатиот бренд SIMMS, додека соодветни материјали произведени од други компании можат да се најдат под различни имиња, но во суштина станува збор за иста или слична технологија, но крајниот резултат е ист: одлични карактеристики!
предности:
водоотпорни, дишечки (оневозможуваат потење), лесни, многу послободни за движење во однос на останатите, добри изолатори (доколку се повеќеслојни)
недостатоци:
висока цена.
Неопрен чизмите и комбилизони се многу застапени кај риболовците. Тие имаат извонредни карактеристики како изолатор од студената вода и најчесто се препорачуваат при риболов во зимските месеци и на исклучиво студени води. Нивниот единствен недостаток е што немаат својство на "дишење" односно предизвикуваат потење.
предности:
одличен изолатор, лесни за репарирање, отпорни на механички оштетувања, водоотпорни.
недостатоци:
предизвикуваат потење, релативно крути