top of page

Неретва и Мекоусна пастрмка

Никогаш не сум мушичарел на Неретва! Некако не ми беше ни во видокруг. Потоа ненадејно се најде во преден план. Вака беше…

 

Добив покана за конференција во Сараево и се разбира веднаш се роди идеата за спој - работа и задоволство. Можев да бирам помеѓу патување со авион или со автомобил, па се разбира ја одбрав втората варијанта како би можел да искористам и некој ден риболов некаде во околината на Сараево. Точно, има околу 10 часа возење во еден правец, но кој се грижи за тоа кога е риболов во прашање.

 

Неколку дена пред патувањето се распрашав кај пријателите од Босна каде би било најдобро да се оди на риболов во околината на Сараево. Повеќето ја предложија Неретва. Кога се сетив дека во Неретва живее една од најстарите типови пастрмки, односно “мекоусна пастрмка”, немаше размислување. Тоа ќе биде мојата мисија, да уловам мекоусна пастрмка. Уште на фејсбук се јави и Адо Звониќ со покана “бујрим народе”, па веднаш се договори и сместување. Значи одам на Неретва во Главатичево, близу Коњиц во потрага по мекоусна пастрмка.

 

Така и се случи. Тргнав од Скопје попладне како би бил на Неретва рано наутро, а попатно го земав и другарот од Врање, Мирослав Стојнев. Првичниот план беше да одиме со сопругите, па додека ние мушичариме тие да одмараат и подоцна да прошетаат низ Сараево, но од оправдани причини тие откажаа во последен момент. Штета, но ќе има некоја друга можност.

 

Стигнавме околу 8 часот наутро, почекавме Адо да се разбуди, па по обилниот доручек во "Вила Неретва", се упативме на т.н. мушичарска стаза. Всушност, ја одбравме поевтината варијанта, што се однесува до дневните дозволи.

На стазата има висечки мост, а погледот од него е феноменален. Под мостот се капат неколку ОГРОМНИ поточни пастрмки. Веднаш не заплиска едреналинот, па тргнавме да ги ловиме.

Најпрвин пробавме со стримери Woolly Bugger. Јас ставив црн, а Мирослав проба со кафеав. Ништо, рибите не реагираа, Едно време од мостот го следев нивното реагирање додека Мирослав се обидуваше да ги улови на стример, но тие стоеа како заковани за дното и делуваа незаинтересирано.

Ништо, ќе пробаме нешто друго. Се префрливме на нимфарење. Мирослав фрлаше тешки нимфи, фазан на #10, а јас се одлучив на нимфи #14 до #16. Недолго  потоа Мирослав го пријавува првиот улов. Многу убава и борбена поточна пастрмка  која додека да се свести се најде сред фотосесија, па потоа повторно назад во вода. Значи ја најдоме нимфата! Сака фазан! Мирослав извади уште неколку, па дури потоа и јас една. Оваа моја поточара сакаше фазан на #14, но е значајно помала од оние на Мирослав, па и јас се префрлив на фазан #10. Бидејќи немавме веќе фазани на #10, одиме до кола да врземе неколку. Вруќината голема, знојот обилно тече по нас, но без вистински нимфи ништо од успешен риболов. Се обидовме и со некои други нимифи но ниту една не беше ефикасна како фазанот. Имав и една убава поточара на зелен гамарус откако едно 30-тина пати ја “гаѓав” на видено. Веројатно сум и здосадил па го зела гамарусот :)

Сепак и покрај бројните поточни пастрмки од кои некои беа завидно големи, некако бевме потиштени, бидејќи немавме мекоусна пастрмка. 

Приквечер ни се придружи и Адо. Ни ги покажа местата каде што би требало да има мекоусна, но повторно ништо. Повторно само поточари. Барем беа големи. Пред само стемнување започна нешто да собира од површина близу брегот. Веројатно некои ситни липљани бидејќи добивме информација дека ги има. Реков ајде да пробам на сува мушичка. Сменив неколку мушички и имав 2 удара на Iron Blue, но не успеав да ги закачам. Ништо, веројатно се многу ситни, бидејќи така и изгледа нивното “бучкање”, повеќе како некое ситно плискање. ..

Назад на вечера, па потоа повторно врзување на мушички. Фазан на #10! Утре е нов ден, можеби и нема да сака фазан, но мора да се пополнат кутиите.

 

Следното утро иста слика. Големи поточари под мостот и тргнавме на нив. Прва, втора, трета, сите големи. Имав и неколку кинења на типет 0,16, а Мирослав поискусен ставил 0,18 и без проблем ги вадеше оние најголемите. Реприза на претходниот ден!

Отидов малку подоле по реката во потрага по мекоусна, барајќи ја во подлабоките делови на реката, кога го слушам Мирослав како урла “Мирееее, мекааааа”!!! Нема размислување, се враќам назад во полн трк контра текот на реката, со мисла само да не му се откачи на Мирослав таа “Мека”. Одамна не ми клецале колената толку од напор и борба со силната река. Додека да дојдам Мирослав веќе ја извадил мекоусната, а таа неверојатно убава. Како да е некоја комбинација од пастрмка и бојник. Точките и се многу слични со оние на охридската пастрмка (впрочем мекоусната и охриската пастрмка важат и за најстари видови на пастрмки на балканот). Брза фотосесија и враќање на "меката" во вода. Беше уловена на фазан. Мисијата успешна,  но некако некомплетна, бидејќи би требало и јас да уловам една :)

Додека прврзував, Мирослав објаснува дека на спадот се јавувало некое ситно плискање, како она од претходната вечер. Претпоставивме дека на тој потег се насобрале мекоусните и дека тоа е нивниот вообичаен начин на плискање, односно собирање на мушички.

И двајцата се концентриравме на тој дел од реката каде што повремено се јавуваше активност на површина. Е ете, недолго потоа ја имав и јас својата прва мекоусна, за подоцна заедно со Мирослав да имаме уште по неколку.

Интересно за нив беше тоа што во почетокот кога е закачена силно се исфрла над вода, за потоа да почне да влече во сите правци, лево, десно, напред, назад… Вообичаено трга и кон тебе, па мислиш дека се откачила, за потоа повторно да го затегне конецот. Се трга и бега во сите правци и многу е борбена за својата големина. Дури откако ќе ја доближиш до себе можеш и да ја видиш во вода. Не е ни чудно зошто не можевме да ги приметиме од мостот или кога ги баравме низ река. Таа е всушност мајстор за камуфлирање!!!

Ни олесна, “mission accomplished”!!!

Дојде време и да одиме за Сараево, бидејќи бев тргнал на конференција. Мирослав одлучи да дојде со мене, малку да прошета по Баш чаршија, па утредента да мушичари на Миљацка или да отиде до некоја друга вода во близина на Сараево. Меѓутоа во Сараево не дочека силен дожд и знаевме дека сите води утре ден ќе бидат матни. Мојата конференција е 2 дена а на Мирослав му пропаѓа планот за риболов на Миљацка или Лашва. Ден потоа одлучува да се врати повторно на Неретва. Иста мета, исто растојание! Сега се настрвил на најголемите поточари. Повторно се обидува со стример woolly bugger но сега во зелена варијанта. Се покажува како убиствена комбинација. Рибата го зема стримерот непосредно по паѓањето во вода. Одлично! Тој ден Мирослав има 20-тина големи поточари, кога му се јавив да дојде и да ме собере од Сараево, па да си тргнеме за Скопје, односно Врање.

 

Сега малку за Неретва! Реката е неверојатно убава и бистра, со тиркизна боја, а водата не е претерано студена, 12 до 15 степени. Дното и е каменито но нема незгодни закачување. Прородата е приказна за себе. Дрвја има на секаде по текот на реката, па доколку ви е топло насекаде има длабоки сенки. Реката е доволно широка за да можеш слободно да се “размавташ”. Длабочината на водата е разнолика и има терени по сечиј вкус, но што е најважно, рибата ја има насекаде. Покрај мекоусната пастрмка, поточната и липљанот, во Неретва ја има и главатицата, но многу ретко и тешко се лови. Ние ја немавме таа среќа да уловиме главатица, но би било и премногу за прв пат. Тоа може да ни биде следната мисија и причина за повторно доаѓање.

 

Сметувањето во "Вила Неретва" беше извонредно и ги пружа сите удопства по пристапна цена. Домаќините љубезни и згора на се љубители на мушичарењето. Идеална комбинација! Ех, кога само Неретва би била поблизу до Скопје, не би се “откачила” од мене лесно :)

Но, што е тука е, ќе се најде време за повторно да ја посетиме. Секако ја сметам за една од моите топ 5 дестинации на Балканот. Нова љубов е родена!!!

bottom of page