Идријца (Словенија)
Кон крај на Октомври му правев друштво на Илија до Портеноне, мало градче во северна Италија каде што одеше на саем на мебел. Патувавме со неговиот Дастер и патот до таму го минавме за околу 12 часа. Стигнавме утрото непосредно пред отворањето на саемот. Имаше време да прошетаме и да ја провериме реката која тече низ Портеноне. Имаше и што да се види. Многу убава река и за наше чудење, преполна со риби. Не ни се веруваше колкави се, но не можевме од мостот да утврдиме на кој вид припаѓаат. Се симнавме поблизу до реката и имаше што да се види. Имаше десетици липљани, пастрмки и кленови. Се разбира се роди желба да ги ловиме. Гледаме наоколу, нема ниту еден рибар. Чудно, италијаните се познати риболовци, сигурно не би им “простиле”. Се вртиме наоколу со цел да најдеме некаква информација и ја најдовме. На едно дрво стои закована табла која вели “Забранет риболов”. Штета! Куртулија! Баш ќе се наловевме.
Саемот заврши и приквечер тргнавме за Словенија. Планот беше да ловиме на некоја од надалеку познатите словенечки води. Му ѕвониме на Саша Кладник, познат риболовец и водич со кој претходно договаравме да не упати на некоја добра локација. Кога разочарување! Саша вели дека најдобро да си продолжиме понатаму бидејќи сите води во Словенија се со качен водостој и многу матни и нема шанси за добар риболов. Не можевме да веруваме каков баксуз сме. Претходно во Словенија цели 3 дена врнело дожд и сите води се заматиле. Сепак не губиме надеж! Одлучивме да преспиеме во Љубљана и да видиме дали ќе се избистрат водите. Мисијата во Словенија ни трае само 2 дена. Се надеваме дека барем некоја вода е бистра и не ни се откажува риболовот.
Преспавме кај Алеш Стадлер мој добар пријател, риболовец, авантуриста и љубител на екстремни спортови. Алеш сврте неколку телефони кај свои пријатели мушичари и тие не известија дека единствено можно е да се лови на Соча и Идријца. Водите таму се зголемени и матни, но не до таа мера да не може да се лови. Воедно тоа се и најскапите и најдобри ревири во Словенија, а нас не ни беше баш таков планот.
Одлучивме утредента да одиме до Идријца и да провериме каква е реката и на што се лови, па ако се избистри да ловиме наредниот ден.
Така и беше. Следното утро се најдовме во Идрија низ која тече и надалеку познатата река Идријца. Реката е позната по автохтоната Сошка пастрмка (Мармората или Главатица), а богата е и со поточна пастрмка, калифорниска пастрмка (шаренка, како што ја нарекуваат) и липљан. Самата река беше сеуште заматена но со маслинеста боја и ветуваше дека наредниот ден целосно ќе се избистри. Прошетавме по ревирот, вклучително и Трофејниот дел. Ја запознавме реката и во полуматната вода забележавме и 2 пристојни “шаренки” како се хранат од површина. Риболовци скоро и да немаше. Сретнавме само двајца италијани од Болоња, Лука и Микеле. Падна пријателски разговор и ги добивме првите информации за тоа каде и на што се лови. Не изненади тоа што во ова време (октомври) се лови на сува мушичка. Всушност сите техники и методи даваат резултати. Дознавме и каде може да се извадат дозволи, колку чинат, каде има најдобро сместување…
Потоа следеше и прошетка низ Идрија, многу мал, но уреден град под заштита на УНЕСКО. Реката не воодушеви и одлучивме утредента за кога се очекуваше дополнително да се избистри да ловиме таму. Кога е бал, нека е со музика!
Попладне прошетка низ Љубљана и назад кај нашите домаќини на подготовки за утрешниот ден. Се врзаа неколку мушици и на спиење.
Следното утро пак се вративме на Идријица, која сега веќе осетно се избистрила. Извадивме дозвола за ревир А+Б кој е “фати пушти” опција и изнесува 60 евра. Со доплата од 15 евра може да се добие и право да се земат и 3 риби, но над пропишаната мерка, која всушност е мерка за капиталци. Во трофејната зона дневна дозвола беше 90 евра. Не фала можеби друг пат… и оваа најевтинава ни е многу… но сепак шансата да се лови тука е ретка, па ќе ја искористиме.
Се спуштивме на првото место кое ни се виде убаво за риболов. Јас започнав со нимфа (полски фазан #14), а Илија со стример. По само неколку минути имам удар и убава калифорниска пастрмка на другата страна од SAGE ESN ’10 #3 кој забележително се витка, но на крај ја имам убавата “шаренка” во кепче. Не помина долго и еве го Илија со калифа на стример. Супер! Ако јаде вака “ги убивме” си велиме. Се двоиме со Илија. Јас нагоре на нимфа, а тој надоле на стример. Илија вади уште неколку, но има и многу откачување. Јас се обидувам да најдам некоја риба во длабоките вирови, околу големите камења, но без успех. По еден час риболов решаваме да менуваме локација. Следната локација, неверојатно убава и содржи се што ќе посакаш. Брз дел, мирен, плиток, длабок, песок, камења и доволно простор за “мафтање”.
Илија продолжува на стример и на второ - трето фрлање добива убава калифорниска пастрмка која успева да се ослободи од стримерот без повратна кука. Јас продолжив да нимфарам и добивам, поточна пастрмка на фазан.
Во меѓувреме, доаѓаат и двајца словенци со кои претходниот ден разговаравме на телефон распрашувајќи се на што, како и каде се лови. И двајцата се викаат Алеш, као и нашиот домаќин, па човек да помисли дека сите во Словенија се викаат така. Локални риболовци се и членови на мушичарскиот клуб Идријца. Добиваме информација дека сме го одбрале нивниот омилен дел од реката и препорачаа лов на сува мушичка во текот на денот додека рано наутро и доцна навечер на стример.
Нормално, го испочитувавме советот и свртевме на сува мушичка. Рибата почна да се јавува на површина, а со тоа паднаа и првите улови на сува мушичка. Повторно користевме фазан, но сега во сува CDC варијанта. Веднаш даде резултати. Уловивме повторно поточна и калифорниска пастрмка, а потоа и липљан. Сепак главната преокупација ни е Мраморната пастрмка или Мармората, односно Сошка пастрмка како тука ја нарекуваат. Домаќините не информираа дека може да има и навистина големи примероци од над 70 см, додека најголемата е уловена токму тука и имала 120 см должина. Тоа ме натера да ја сменам трската и да продолжам да ловам со потешка опрема, Guideline Fario #5 кој е извонреден за лов на сува мушичка.
Остатокот од денот го посветивме на Марморатата. Ја баравме во самиот крај на реката покрај големите камења и во помирниот дел. Добивме информација дека Марморатата зема суви мушички многу нежно и тешко видливо. Скоро неколку часа на еден дел од водата баш такво нежно земање се случуваше непрестано. Сакав да верувам дека е мармората но некако не ми беше верно. Повеќе ми личеше дека некое ситно пастрмче се вежба да лови мушички. Се заинатив да го фатам. По многу упорност, многу зафрлања и многу менувања на мушички добив удар но ја промашив. Повторно бев убеден дека е ситна пастрмка. Набргу потоа уште еден напад и овојпат ја имам на другата страна од конецот. Овој пат зема Sadge на #12 со маслинасто тело и крилја од brown CDC.
Во почетокот не влечеше силно и сеуште верував дека е мала пастрмка. Потоа некако засили во отпорот и кога ја донесов во зона на видливост, видов дека е некако тенка а долга риба. Липљан не е со сигурност, но не личи ни на пастрмка. По кратка борба ја прифатив во кепче и тогаш сватив дека е Мармората. Радост невидена!
Веќе бев почнал да верувам дека нема да успееме да ја уловиме, но еве Идријца ни го понуди тоа задоволство да прокнижиме и Мармората во колекцијата на различни типови пастрмки. Брзо сликање и враќање на Сошката пастрмка онаму каде што и припаѓа.
Интересно беше дека по должина на нејзиното тело имаше и црвени дамки. Помисливме дека е можеби некаков хибрид, но кога се информиравме подетално разбравме дека всушност автохтоните и природни (не одгледувани во рибници) Сошки пастрмки задолжително ги имаат тие црвени пеги. Радоста е уште поголема. Сме уловиле оригинална, автохтона и природна Сошка пастрмка. Мисијата е исполнета!
После ваков улов следуваше заслужена пауза и уживање во чувството на исполнетост и задоволство. Остана уште околу еден час до стемнување. Илија продолжи да лови на стример и извлече неколку калифорниски пастрмки кои изгледа дека побрзо реагираат на стримерот отколку Сошката пастрмка.
Се на се беше тоа еден ден за паметење. Извонредна река, природа, фонд на риби. Ништо помалку не ни очекувавме за тие пари :)
Не чекаше долг пат назад но некако исполнети со импресии и задоволни од успешниот риболов не ни беше тешко да го извозиме. До следната можност, Словенија која има бројни води богати со риби ќе остане дел од идните планови.
Самата Идријца во многу наликува на нашата Радика. Дури и околината е слична. Голема разлика е што насекаде има уредени стази кои одат покрај реката. Места за одмор и канти за ѓубре насекаде. Баравме, но не најдовме апсолутно никакви материјални докази за присуство на луѓе на оваа вода. Ниту опушоци од цигари нема! Водата е сериозно студена, но извонредно чиста и се разбира, има мноооогу риба.
Describe your image.