Ми се јавиjа едни пријатели и ме замолија да одам службено за Куала Лумпур на два дена да завршам некоја работа. Класика, слетуваш од авион, преспиваш, прв ден работа, втор ден работа и се качуваш на авион за назад. Немав ништо против но да отидам до таму и да не фрлам една рака е неприфатливо. Тоа и го поставив како услов: не мора да одам на шетање, прошетка по знаменитости, шопинзи…., но еден ден по риба мора да имам. Точка. И би така.
Прв проблем беше да откријам какви риби се ловат таму и на кои места? Видов нешто на Youtube но немав поим како да го реализирам. Тогаш се активираше нашата мушичарска мрежа. Му се јавувам на Мире, него му текнува па ме поврзува со Прпич од Босна кој е пријател со Paul Arden од Sexyloops кој живее во Малезија. Остварувам контакт со него но тој за жал живее на 4,5 часа одалеченост од Куала Лумпур што е предалеку за еднодневно мушичарење, но ме поврза со Nick Ooi сопственик на продавница за мушичарска опрема во Куала Лумпур. Тој пак ме поврза со друг Nick, човек кој стопанисува со езерото во националниот парк Taman Botani, Shah alam. Во разговор со нив ми рекоа да земам стап #6 или #7 и подебел типет. Јас земав типет 0,23 мм. Вадерси не ми требаат затоа што таму е многу топло и влажно. Од риби има Pacu, Snakehead, Peacock Bass и други, но најпозната и најраспространета риба е Pacu. Тоа е риба од иста фамилија како и пираната но разликата е што не е месождер и расте многу поголема. За разлика од пираната која што има мали но оштри заби Pacu-то има големи заби (слични на човековите) со многу јак стисок. Познат е дека може да крши јатки од разни плодови. Но сепак може да се лови на сува мушичка, нимфа и стример. Донесен е од Амазон.
Фатив такси и дојдов до влезот на паркот. Во националниот парк има две езера. Горното езеро е пополно со риба но помали примероци, додека долното езеро е послабо со риба но има капиталци од по 20 кг. И јас како и секој горд мушичар се пуштив на езерото со капиталци. Изнајмив чамец и сам се пуштив по езерото. Сам на сред езеро а околу мене џунгла во права смисла на зборот. Иначе Малезија се наоѓа скоро на Екваторот и поради влажното време и високите темератури вегетацијата е бујна и разнолика исто како по Амазонијата. Од таму се донесени и адаптирани и еден куп риби затоа што условите им се исти како и во Амазон. Дрвата се нишаат а насекаде слушаш пискотници, крици и звуци. Дали да гледаш во мушичката или по дрвата? Иначе колку за информација во паркот живеат еден куп врсти на мајмуни, кобри, питони, јагуари, елени, диви свињи и друго, и за среќа во овој парк нема тигри и слонови. Од дрвата можеше да се видат мајмуните како се префрлаат од една крошна на друга. Птици во шарени бои и чуден облик те надлетуваат. Фасцинантно! Затоа и така ја нареков репортажава “Звуците на Малезија”, иако беше вчудоневидувачка и ботаниката а и рибите. Среќа што дојдов околу 10 h кога активноста беше престаната. А зашто викам среќа ќе ви раскажам подоцна.
Некаде околу 12h ме дамлоса сонцето а и не бев добро наспан поради временската разлика од -7 h па одлучив да дремнам малку. Се качив на горното езеро каде што имаше неколку рибари а и тука се наоѓаше куќичката на чуварот. Легнав на една клупа и после околу 2 саати се разбудив. Ме пречека Nick(концесионерот) и ме праша како сум поминал. Му викам “0” риби. Ловев на долното езеро и немаше активност на рибата. Кога ми ја виде опремата се изнасмеа. Вика дека на тоа езеро пред два дена на некој друг рибар му удрило големо Pacu и му го извлекол целиот шњур заедно со бекингот. Останал со празна машинка. Ми вика дека не сум спремен ни за езерото со помали риби. Лидерот треба да ми завршува со најлон 0,35 мм и тоа под услов рибата да биде фатена на страна од устата затоа што доколку најлонот дојде во контакт со забите ке го скине без оглед колку е дебел. Мушичките обавезно треба да бидат врзани на јадици со долг врат. Абе викам овој прави филмови за глупи туристи. Почна активноста на површина. Врзувам жолта камењарка и после некое време експлозија на површина. Контрирам и рибата почнува да бега. Зима ли зима од конецот. Шнјурот веќе одамна ми беше поминал низ окцата. Гледам од бекингот нама многу. Контрирам и “цанг” ми скина. Nick ми се смее. Скратив малку од лидерот за да дојдам до подебел крај и пак фрлам. Еве ти ја пак но овој пат полабаво. Нека зима од бекингот, најверојатно ќе се умори пред да ми го извлече целиот. Борбата траеше околу 20 минути. Нема шанси да ја извадиш порано. Јас горев од желба да ја извадам за да ја видам рибата и да ја сликам за да биде уште еден спомен во мојата колекција. На крај извлекувам риба не така голема која влече многу повеќе од стандардното. До квечерината имав можност да фатам бар уште 4 риби и по некое кинење. Бев заинтересиран да фатам уште некоја врста на риба но ми рекоа дека можам да пробам на Snakehead но ми треба голем стример (како за штука) и сајла. И покрај тоа тешко се фаќа. Ај баталив затоа што сватив дека сум изгорел на јакото сонце. Се препуштив на опуштениот риболов зачинет со нишањето на дрвата и звуците на Малезија.