Клен (Leuciscus cephalus)
Спаѓа во краповидни риби, но е многу атрактивна риба за мушичарење која е омилена кај мушичарите поради нејзината лакомост и сештојадост. Иако нема заби спаѓа во грабливки и пленот го проголтува со вшмукување.
Може да се најде во студени и во топли, во чисти и во матни води. Живее во езера и реки, но и во бари и канали. Се на се, лесно прилагодлива риба, идеална за почеток на мушичарска кариера.
Макс. должина: 60 см. Макс. тежина: 3 кг.
Распространетост: Широко е распространет во Европа, Балканот и ширум светот. Готово да нема река или езеро во Македонија каде оваа риба не е застапена.
Други имиња: Кефало, Chub
Мрест: Април до јуни. Мажјакот е полно зрел по 4 години, додека женката по 5 години. Се мрести во плитки делови на реки и езера, а икрата ја лепи за растенија, камења и дрвја. Полага од 50.000 до 200.000 икри.
Исхрана: Се храни со се што ќе најде и буквално е сештојад. Од инсекти, црви, ларви, преку риби до жаби, разни растенија, овошја и др.
Лов: Се лови пред се на суви мушички и имитации на крупни копнени инсекти (бумбари и скакулци). Во последно време омилена мушичка е т.н. Бамбула од балза (оригинално изработена од прославениот мушичар Иван Ранѓеловиќ од Ниш). Се на се мушичката треба да се презентира видливо и гласно, но и да биде во непосредна близина на кленот.