Општо
Главна алатка во риболовот е стапот за риболов, кој најчесто кај нас се нарекува “трска”. Своето име го должи на првите риболовни стапови кои биле всушност пресечена трска од водата каде што се ловело. Тоа име останало и до денес иако во многу што се промениле материјалите од кои се прават стаповите за риболов. Од респект кон првите риболовни стапови, но и поради широката распространетост на изразот во натамошниот дел од текстот едноставно ќе ги нарекуваме “трска”.
Основната намена на трската е да ни послужи за далечно зафрлање на шнурот, односно мамецот на саканото место. За таа цел трската треба да биде доволно еластична, но и цврста, бидејќи со нејзина помош воедно треба и да ја замориме, односно уловиме рибата. Значајно е трската да биде и лесна како не би се замориле во текот на риболовот.
Се разбира битно е да биде и убава... но бидејќи станува збор за вкусови... не е најприкладно да се зборува за тоа.
Материјали
Првите “модернизирани” трски се изработувале од бамбус (и денес постојат изработувачи на истите, а таквите трски знаат да достигнат многу високи цени пред се поради својата реткост и уникатност, а помалку поради својот квалитет и долготрајност).
Ерата на трски изработени од стаклени влакна (glass/fiber) започнува некаде во средината од минатиот век. Истите биле со многу поголем квалитет од бамбусот во однос на долготрајност и цврстина, а воедно и полесни за изработка.
Нивната ера завршува со пронаоѓањето на композитните материјали како графитот и карбонот кои и денес го држат приматот во мушичарската индустрија. Многу полесни, но воедно и поцврсти од гореспомнатите материјали. Денес постојат различни модули на таков композитен материјал, а процесот на нивно усовршување сеуште трае.
Должина
“Голема река, долга трска, мала река кратка трска” - е основното правило!
Системот на должина кај мушичарските трски е изразен во “foot” (анг. стапки), и изнесува 30,48 см. за еден “фут”.
Вообичаено не се изработуваат трски помали од 6 фути или 183 см., односно не подолги од 15 фути или 4,5 метри. Стандардно должината е испишана на секоја трска (пр. 9’ за трска од 2,75 метри или 8’ за трска од 2,4 метри)
За најприкладни трски за нашите води се сметаат трските од 9 фути, односно 2,75 метри. Доволно долги за Вардар, но не предолги за Радика и многуте мали реки ширум Македонија. Всушност должината зависи од теренот на кој се риболови (дали има многу ниски гранки кои пречат за високи зафрлања), како и од афинитетите на мушичарот. Во Македонија најчесто се користат трски со должина од 8 до 10 фути, односно 2,1 до 3 метри.
Силина
Силината на трската се одредува со ознаката “#”. истата се движи од “0” до “12”. Постои воспоставен светски стандард по кој се класифицира силината на трската кој што се нарекува AFTMA (American Fishing Tackle Manufacturers Association, превод. Американска асоцијација на произведувачи на риболовна опрема), поради тоа што за првпат е воспоставен во САД, а потоа истиот е прифатен и од остатокот на светот.
Стандардот се однесува на тежината на шнурот (конецот за зафрлање) кој трската треба да може да го зафрла со најдобар ефект. Тоа значи дека за трска со силина 4# ни треба шнур со тежина 4# и обратно.
.
Акција
Акција на трката претставува однесување на истата при зафрлање. Притоа акциите се делат на:
-
slow (спори)
-
medium (средни)
-
medium-fast (средно брз)
-
fast (брзи)
-
ultra fast (многу брзи)
Спорите трски имаат поголема еластичност, а брзите помала. Всушност секоја од нив има своја намена и своја особеност. Вообичаено пократките трски се изработуваат со поголема, а подолгите со помала еластичност.
Начинот на свивање на трската при зафрлање се разликува кај трски со различна брзина, како што е прикажано на фотографијата десно
Она за што сите се сложуваат е дека средно брзите трски имаат поголема “толерантност” кон грешките при зафрлувањето, па поради тоа и се препорачуваат за почетници. Тоа не значи дека и искусните професионалци ги избегнуваат. Напротив!
Големи полемики се воделе и сеуште се водат за акцијата на трската во однос на тоа што е подобро. Најраспространето и стандардно мислење за типовите на акција кај трските е следното:
- Бавните трски се најдобри при блиски и “нежни” зафрлања, што значи за мали реки каде што неретко дрвјата ни претставуваат проблем.
- Средно брзите се одлични за разни комбинации на зафрлања (блиски и далечни), како и за “фина” презентација на мушичката. Воедно најголемиот број на трски се произведуваат токму во оваа акција поради нивната универзалност.
- Брзите трски се подобри доколку се сака да се достигне далечно зафрлање, за риболов со стример, како и при риболов на ветер.
Сето ова може да звучи помалку и збунувачки затоа најдобро е да се испробаат различни типови на акции и потоа да се одреди која најдобро ни “лежи”. Главното правило е дека нема правила!!!
Спроводници
Kако и секоја друга трска и мушичарските трски имаат спроводници, за водење на шнурот, само што во овој случај ги има многу повеќе во однос на трските за друг вид на риболов. Тоа е од причина шнурот подобро да прилегне на трската, односно да прави помал отпор при движењето низ нив и да не се заплеткува.
Стандардно се користaт т.н. “snake” (змија) водици кои името го добиле поради својот облик. Понекогаш и на некои трски се користат и стандардни едноножни или двоножни водици.
Нивниот квалитет зависи од материјалот од кој се направени, а битно за нив е да бидат глатки и нерѓосувачки, како не би го оштетувале шнурот.
Дршка
Дршките вообичаено се изработуваат од плута поради нејзината долговечност, но пред се поради отпорноста на вода. По тип можат да бидат:
- cigar (се користи кај пократките трски кои имаат помала акција 1-3#)
- half wels (се користи кај трски со средна должина и акција 3-6#)
- full wels (се користи кај подолгите трски, односно оние со поголема акција 7-12#)
Секако ова правило има свои отстапки во однос на произведувачите кои по сопствено видување одлучуваат за типот на дршки кои ги користат на своите производи.
Квалитетот на дршките зависи од квалитетот на плутата, но и доколку се оштети може и лесно да се замени.
Типови
По тип трските се делат на “еднорачни” и “дворачни”, односно оние кои се зафрлаат со една рака и со две раце. Вообичаено трските со силина до 6# се еднорачни, а посилните се дворачни. Поради тоа дворачните имаат и две рачки, една над и една под држачот за макарата.
Избор
Можеби најтешкиот и најнеблагодарен дел за давање на препорака е која трска да се купи. Постои старо правило кое важи и за се друго и гласи “колку пари - толку музика”. Тоа не значи дека со поевтина трска ќе се ловат помалку или помали риби бидејќи за тоа трeба да се земат во предвид и некои други фактори... но сепак... поквалитетните трски (читај поскапите), секако нудат поголемо задоволство во риболовот.
Распонот на цените на трските се движи од 30, па се до 800 евра за трски кои се наоѓаат во редовна продажба. Сепак оние кои се на некое ценовно ниво од 100 до 300 евра би биле “идеална” комбинација.
фути
6’
7’
8’
8,5’
9’
9,6’
10’
11’
12’
13’
14’
15’
метри
1,8
2,1
2,4
2,6
2,7
2,9
3,05
3,35
3,65
3,96
4,26
4,57
Опис на намена
мали потоци
мали реки и езера
големи реки и езера
лососи
големи лососи
AFTMA
1/3
4/6
7/9
8/10
11/12