Река Градац - Србија
Со Мирослав одлучивме да одиме на Градац, река во близина на Ваљево (Србија), која се смета за најатрактивна мушичарска дестинација во Србија. Времето не беше баш за одење поради можноста за дожд, но знаете како е кога желбата е посилна од разумот.
Во Градац пристигнавме доцна навечер по многу лошо време, обилен дожд, молскавици, па одлучивме да преспиеме во кола, бидејќи по такво време беше готово невозможно да се пешачи дополнително 30 минути по неосветлена патека низ шума, за да се стигне до нашето сместување кај господинот Саша Бенцун - Рока, односно неговата куќа на самата река Градац, позната под името “Конак Тетребовац”.
Како и да е, утрото недоволно наспани но сепак радосни дека дождот стивна се упативме кон нашето сместување.
Таму домаќинот сеуште спиеше па само ги оставивме работите на чардакот од вилата и се упативме на река… сепак тоа ни е и основната мисија.
Реката благо заматена и со покачено ниво од синоќешниот дожд. Јас се одлучив за нимфарење, а Мирослав за стример. Недолго потоа Мирослав веќе го имаше и првиот улов… пастрмка од 40-тина сантиметри, на црн “woolly bugger”. Ни јас не чекав долго за својот прв улов на Градац, откако имав неколку промашувања и откачувања. Уловот го остварив на нимфа “rabbit hear" во природна боја и на јадица TMC број 12, отежната со тунгстен 3.0.
На реката имаше само уште двајца риболовци и сите успешно ловевме. Дождот од време навреме повторно се јавуваше, но немаше никакво влијание врз апетитот на пастрмките кои се редеа една по друга. Ловевме на потег од 1 километар и резултатите секаде беа исти… рибата беше расположена, а со неа и ние.
Останавме 2 дена и се изналовивме убави, здрави пастрмки на прекрасна вода, во идеална атмосфера створена за мушичарење. Доказ за тоа е големата посетеност на Градац од страна на мушичари од Србија, но и голем број на мушичари ширум Европа. За време на нашиот престој во “Конак Тетребовац” со нас беа и двајца риболовци од Бугарија, Пламен Балинов и Михаил Пенков. Одлични познавачи на мушичарењето и љубители на добриот риболов.
Вториот ден водата уште повеќе надојде и се замати. Во такви услови како најловна техника се покажа ловот на стример. Повторно “woolly bugger” беше главен фаворит, но овој пат во кафена варијанта. Рибата повторно ја имаше по целиот тек на реката, но задоволството го расипа силниот дожд кој не натера порано да тргнеме дома ветувајќи му на Градац но пред се себеси дека повторно ќе дојдеме, кога ќе има и подобри временски услови, како задоволството би бил о целосно. До тогаш ќе се присетуваме на убавите моменти поминати на Гградац.
Реката Градац е мала река и со не многу долг тек. Од нејзиното извориште па се до градот Ваљево изминува околу 12 километри. Тој простор е прогласен за еколошка зона, што во превод значи дека е добро заштитена, нема никакво загадување, риболовната служба е беспрекорна и на наведената територија е строго забрането да се гради.
Единствените 2 градби што таму се наоѓаат се “Конак Тетребовац” и уште една градба во сопственост на еколошкото друштво Градац и тие всушност претставуваат стари градби кои тука постоеле уште многу одамна пред прогласувањето на Градац за еколошка зона.
Доколку сте заинтересирани за престој на Градац треба да го знаете следното: Еколошката куќа Градац е двоспрата и има капацитет од 10 легла на горниот спрат (всушност душеци распоредени а подот), додека долниот спрат е импровизирана кујна и покриена тараса, но во куќата нема струја, ниту вода. Цената за престој е 4 евра по лице на ден, а можен е и закуп на целиот објект по цена од 17 евра на ден.
“Конак Тетребовац” е опремен со агрегат, значи има струја и техничка вода. Во конакот има 9 легла (5 во една и 4 во друга соба), кујна опремена со фрижидер, шпорет, тоалет со туш кабина, соба за дневен престој со голема маса за ручек, како и две покриени тараси, со еден збор се што е потребно за пријатен престој. Цената за еднодневен престој изнесува 20 евра по лице и за таа цена ги добивате сите удобства, на извонредна локација непосредно до реката. Воедно домаќинот Рока е и извонреден мушичар и врзувач на мушички, а во конакот има и катче за продажба на мушички, но и секаков мушичарски асортиман, како шнуреви, јадици, типети и материјали за врзување на мучишки.
Реката Градац е приказна за себе. Покрај тоа што одлично се чува редовно и се порибува. Порибувањето најчесто се врши со крупни примероци на пастрмка. Воедно во водите од пред неколку години пливаат и липљани кои до сега ја имаат достигнато големината од 20-25 см.
Сепак главната атракција во оваа река е пастрмката. Притоа чести се и примероци од 50+. Авторот на овој текст ја имаше таа среќа да добие една таква пастрмка, уловена на нимфа заечко уво број 12.
Рибите во Градац се извонредно здрави и силни, а постојат неколку типови на поточна пастрмка, во зависност од каде се донесени при порибувањето.
На Градац може успешно да се лови на нимфа, сува и мокра мушичка, како и на стример. Значи река за сите вкусови. Реката не е длабока, со исклучок на неколку вирови со длабочина од околу 2 метри но е преполна со риби. Просечната ширина на реката е од 5 до 10 метри, значи се практикуваат кратки зафрлања.
Концесионерот на реката се прогрижил да стори се за мушичарите: тревата околу реката е окосена, во водата и покрај неа нема апсолутно никаков смет (корпи за смет има насекаде и редовно се празнат). Гранките од дрвјата надвиснати над реката кои често знаат да им пречат на мушичарите се отстранети и секогаш и секаде имате чист простор за зафрлање. Цената на дневната дозвола е 8 евра, а се лови на една мушичка и строго важи правилото “фати - пушти”.
Доколку чезнеете за добар риболов на беспрекорно чиста вода богата со риби, тогаш најтопло препорачувам да го посетите Градац. Нема да се покаете!
Јас секако доаѓам повторно.