top of page

Радешчица - Словенија

Веќе неколку дена врне во Словенија а јас решен да мушичарам. Не би си простил недела дена да сум овде а да не искористам барем еден ден за упразнување на својата страст, опсесија, што и да е. 

Од дождовите реките се со покачено ниво, а некои и подзаматени. Се јавувам кај пријателот Алеш Садлер да се распраша, односно да провери каде би било најпогодно за риболов во околината на Метлика (каде што сум сместен), мало гратче на југот од Словенија кое е на самиот брег од реката Колпа (словенечки) односно Купа (хрватски).

Колпа е всушност и граница помеѓу Словенија и Хрватска, а воедно и крај на Шенген зоната во овој дел од Балканот. Реката која ја делат овие две држави е богата со риба, но и многу топла во делот каде што се наоѓам. Тоа значи дека не е погодна за салмониди, кои мене ме интересираат. Добив информација дека од изворот па неколку киломентри надолу е многу постудена и дека изобилува со пастрмка и липјан. Јас сум одалечен на 1,5 часа возење со кола па барам нешто поблизу. Се јави Алеш и вели дека има информации за Радешчица (десна притока на Крка) дека е бистра и со нормален водостој, за разлика од Крка која иако е многу атрактивна за мушичарење, од дождовите се покачила и благо заматила. Паѓа договор! Одиме на Радешчица!

Мене ми требаа околу 40 минути да стигнам до таму, а на Алеш од Љубљана околу 1,5 часа. Не се брзам, па по доручекот во Хотел Бела Краина полека се упатувам за Подтурн, мало село покрај Долењске Топлице каде извира Радешчица. По пат уживам во живописниот крај кој како да е од бајка. Не можам да верувам колку добро се уредени сите села и мали населени места. Патиштата без дупки, тревата наоколу окосена, знаци насекаде, ѓубре никаде, дворовите сите средени и никаде огради. Да те фати жал да ја напуштиш оваа убавина. Кога само ќе споредам со нашето секојдневие.… Ама сега нема да кукам си реков, туку едноставно ќе се опуштам и ќе уживам. На крајот од краиштата затоа сум и дојден. 

Пристигнав порано од Алеш и го почекав во гостилната на Радо Штравс каде бевме договорени. Време беше за кафе кое баш ми легна, кога еве го и Алеш. На брзина се облакам, додека Алеш средува за дозвола која чинеше 33 евра (тоа е цена за странци додека за домашни е 12,5 евра). Алеш инсистира да ме чести дозвола на што се сложив под услов јас да честам ручек. Договорено!

Радо не беше во гостилната но тука беше неговиот син (чие име незнам дали сум го заборавил или воопшто не сум го дознал). Напиша дозволи и објасни што и како се лови на Радешчица. Вели дека изобилува со поточна и калифорниска пастрмка, а има и нешто липјан кој не е крупен. Многу често се случува да наиде и младица (сулц на словенечки) која влегува повремено од Крка. 

И самиот е мушичар, па вели дека деновиве добро работела пастрмката и дека претходниот ден уловил една од 52 см на нимфа од фазан, но воедно вели дека и лесни стримери (поради многуте треви) се добра опција. Секако препорача приквечер да пробаме со сува мушица (Sedge варијанта).

Добро, ќе го послушам си велам, и се упатувам кон реката.

 

Самата река Радешчица е многу кратка односно нема повеќе од 6 километри пред да се влие во Крка, но изворот е неверојатно издашен со вода. Тоа е класична крашка река која извира на подножје од планината правејќи мало езерце со диаметар од некои 50 метри, но многу длабоко. Изворот е на дното од езерцето, кое е длабоко некои 10 метри со скоро па вертикален брег. Потоа водата тече преку една мала каскада, за да продолжи споро да се движи низ рамничарски дел.

 

Самата река изобилува со долги треви (реси) по целиот тек, а повремено има и делови каде ја нема, па доста потсетува на текот на реките Плива и Рибник во Босна, но е доста помала па затоа овде во Словенија ја сметаат за поток (кај нас би била сериозна река).

 

Решив да започнам со нимфа. Ставам фазан на јадичка без кука (тоа е правило во цела Словенија) и почнав да нимфарам под каскадата. Тревите ми преставуваат проблем и набргу одлучувам да ја сменам тактиката. Се префрлам на стример. Барам низ кутијата лесни стримери (без тунгстен глава) за да не се заглавува во тревите. Се одлучувам за зонкер со бело тело и сив грб. Барам некое место без многу трева и наоѓам еден дел од другата страна на реката со некаква дупка помеѓу долгите треви. Зафрам право во неа и уште зонкерот не ја фати својата позиција за да почнам да го повлекувам кога од нигде никаде (од под тревата) убава пастрмка го нападна. Веднаш следува контра и по минута време ете ја во кепче. Не ми се верува. Прво фрлање и уште не почна да работи стримерот добив убава риба. Како да ловам на сува мушица. Алеш е исто воодушевен. Се наговестува убав риболовен ден! Така и бидна. Продолживме надолу по реката и на секое згодно место зафрлавме. Често вадев пастрмки на стример и се собраа десетина. Алеш не е мушичар и малку се мачи со зафрлањата, но сепак успеа да фати една на нимфа од фазан, во самиот крај на реката. Впрочем дојде да се видиме и да поминеме еден убав ден во природа и во риболов. Знае дека мушичарењето ми е страст и се обидува да угоди како секој добар домаќин.

Рибите ретко можеа да се видат во водата се додека не го зафрлав зонкерот. Тогаш од некаде ќе се појавеше некоја. Најчесто само го следеа, но понекогаш се решаваа и да нападнат. Мислам дека беше трета или четврта по ред кога го видов ударот и не беше некое големо парче, но по силината со која влечеше претпоставував дека е калифорниска пастрмка. Така и испадна. Значи сепак ги има. Тоа беше и единствената која ја фатив. Сите други беа поточни пастрмки.  

Алеш здогледува сериозно голема пастрмка. Веројатно преку 60 см. И се прикрадувам и зафрлам над неа. Забрзано го повлекувам стримерот во очекување на силен удар и целиот возбуден. Пастрмката полека тргна по него, кога одеднаш друга пастрмка, значително помала силно го нападна стримерот. Од каде ли сега оваа?!? Ја закачив и додека се бори ја влечам кон брегот, а големата оди некако нервозно по неа. За миг помислив дека ќе ја зграби оваа која ја влечам, но тоа не се случи. Бргу ја ослободувам малата во намера повторно да зафрлам за големата, но неа ја нема. Зафрлам уште десетина пати но ништо. Големата веќе ја нема, а јас разочаран што пропуштив можност да уловам капиталец. Од каде ли само излезе оваа малава? Таман да упропасти одлична ситуација.

Дојде време и за ручек, а јас ветив дека честам. Го прашувам Алеш дали би јадел пастрмка, а тој воодушевен од предлогот. Решивме дека следните две ги ловиме за јадење. Тоа е сосема во ред со правилата бидејќи смее да се земат 2 парчиња над 40 см. 

Речено - сторено! Следните две ги земавме. Не требаше премногу време за да се уловат. Втората ја уловив на езерото од изворот каде што го започнавме риболовот. Повторно зема стример но овој пат се бореше неверојатно силно. Помислив дека сум фатил некој капиталец. Ловев со Sage One #5 кој силно се свитка, но рибата никако да се подигне од дното. Во занес се обидов да влезам во вода и да не беше едно мало дрво до мене најверојатно ќе пропаднев, бидејќи на првиот чекор во вода не успеав да го најдам дното. Кревкото дрво беше спасот. Го зграбив и останав на суво. Рибата по некоја минута попушти и се најде во кепче. За изненадување беше само малку над 40 см, но била закачена за долната перка па затоа влечела толку силно. Ја земаме и одиме во гостилницата каде ни ги подготвија двете риби. Тазе риба со помфрит, салата и бело вино (Алеш се одлучи за пиво) за целосно уживање во денот. 

Ни се придружува и синот на Радо Штравс (очигледно му го заборавив името), и се разврзуваат рибарски муабети, но и се разменуваат мушички. Покрај моите му давам и мушички од Игор Станчев за кој ова младо момче има чуено. Не сум изненаден! Влегуваме во гостилната каде што беа изложени препарирани младици, пастрмки, липјани, мрени и штуки. Гостилницата има два дела. Еден е за рибари и во него се овие препарирани риби, а другиот дел е за ловци и таму се разни трофеи од лов. Воедно во гостилната се служи и дивеч.

После ручек следува кафе и решаваме да одиме подолу по текот на Радешчица кон вливот во Крка. Сликата таму иста. Зонкерот работи успешно и овде. Се редат риби, а пред стемнување зафрлам на сува мушичка (Sedge). Имам удари непрестано, но се некои помали риби. Доста се одалечивме од колите и пред само стемнување тргаме назад. Веќе ја имав собрано трската кога при самиот крај на водата гледам ОГРОМНА риба. Преку еден метар. Доста е дебела и некако со многу светла боја. Го викам Алеш и тој да ја види по што воодушевено реагира дека тоа е Сулц (младица). Полека си пливаше низводно не обрнувајќи внимание на нас. Трските собрани и не можам да и зафрлам. Во прв момент ме фати нервоза поради тоа, а потоа си велам, можеби е и подобро вака. Ако ја закачам нема шанси да ја извадам. Ако не настрада конецот, ќе настрада трската, а и местото од каде ја видовме беше висок брег едно 2 метри над водата до големи дрвја лево и десно од нас. Сепак, интересно доживување кое долго ќе го паметам.

Заврши риболовниот ден, се поздравивме со Алеш и секој во свој правец. Тој во Љубљана, јас во Метлика. И дајцата со убави спомени од риболовниот ден.

Словенија е прекрасна земја со извонредни води! Сигурно се враќам повторно. Да сме живи и здрави!

bottom of page