Главатица (Salmo marmoratus)
Мраморна пастрмка
Една од најголемите пастрмки секако е Главатицата, наречена така поради несразмерно големата глава во однос на телото. Уште е позната и како Мраморна пастрмка поради тоа што наместо точки по телото има шари кои потсеќаат на мермер.
Макс. должина: 140 см. Макс. тежина: 30 кг.
Распространетост: Се среќава во некои води во Словенија како Идријца и Соча, каде што е позната и како Сошка пастрмка, како и во некои алпски реки во Италија и Австрија. Воедно може да се најде и во реките Неретва, Уна и Дрина (Босна и Херцеговина), како и во Зета и Морача (Црна Гора). Постојат записи за нејзино некогашно присуство и во реката Радика, но денес сосема е исчезната.
Други имиња: Мармората, Главатица, Сошка пастрмка
Мрест: Ноември до Јануари. Се мрести во долниот тек од реките при полна зрелост од 5-7 години и должина од околу 70 см.
Исхрана: Се храни со ларви, инсекти, ракчиња и риби.
Лов: Многу атрактивна за мушичарење но и многу силна и борбена риба, пред се доколку има доживеано полна зрелост. Претставува посебно ценет трофеј поради реткоста и уникатноста. Може да се лови со најразлични видови на техники со нимфи и мушички, односно стримери.