top of page

Вака изгледаше пред да дојдеме

Вака изгледаше кога дојдовме

Еколошка акција

Природата од секогаш била дарежлива кон овие краишта. Дарувала со прекрасни планини, бистри води и изобилство на жив свет. За жал негрижата на човекот за нејзино зачувување не ја следи нејзината дарежливост. Бројни отпадоци се наоѓаат насекаде околу нас. Доколку најголемиот дел од нив се од органско потекло, па и да не се грижиме премногу, ќе се разложат за некое време и ќе ги снема. Меѓутоа не е така. За жал најчест облик на загадување претставува отпадот од неорганско потекло, како најлонски кеси и пред се пластични шишиња кои имаат неверојатно долг период на распаѓање. Многу подолг од еден просечен човечки живот. Уште пожалосно е кога истите неретко ќе се најдат во водите, реките и езерата ширум Македонија. Во последно време како да постои натпревар помеѓу нив во тоа кој е позагаден.

Премногу е кажано зошто и како треба да се чува природата. Се учи на училиште уште од најмали нозе. Го знаат и врапчињата на гранките и рибите во водите. Дека голем дел од луѓето не работат на нејзино зачувување и тоа е неспорен факт. Многу докази за тоа лежат насекаде низ природата. Докази во различни форми, големини, бои… канти, кеси, керамиди, конзерви, кабли, шишиња… 

Зошто луѓето го прават тоа? Тоа е прашање кое секој од нас треба да си го постави самиот пред себе. Потоа да развие еколошка самосвест. Таа самосвест да ја пренесе на помладите и да ја шири со личен пример. Да се практикува екологијата секојдневно, не само за време на денови на екологијата. 

Сепак и овие денови се многу значајни, па поради тоа и ги одбележуваме. Ги одбележуваме за да потсетат, да укажат и да дадат поттик. 

 

Од тие причини и Мушичарскиот Клуб МАТКА, по повод Светскиот ден на водите 22 март организираше еколошка акција за чистење на коритото и брегот од реката Треска. Голема благодарност до одговорните во ЕЛЕМ и ХЕЦ МАТКА кои ни излегоа во пресрет и го сведоа испустот на водата од браната на најниското ниво како би можеле узпешно да го извадиме шутот од водата.

 

Акцијата се спроведе на Матка, поточно на потегот од мостот кој ја означува целта на кајакарската стаза па се до кафе барот Кула.

Акцијата започна во 10:00  часот, а заврши во 14:00 и притоа беа собрани повеќе од 30 вреќи со отпад и истите беа одложени во контејнери. 

Во акцијата учествуваа 20-тина членови на клубот и негови приврзаници. Во добра атмосфера и со желба да се придонесе за почиста средина оставивме видлива трага на нашето присуство. 

Се собра отпад од најразличен тип, но најмногу кеси и пластични шишиња. Главен непријател за време на акцијата беше дивата капина која неуморно се бореше да го задржи отпадот во своја сопственост, но сепак на крајот од трнливата борба, ние излеговме како победници. Барем денес.

Да бевме побројни веројатно успехот на акцијата ќе беше и поголем, но сепак за прва активност од овој тип сме задоволни. Задоволството би било поголемо ако и во наредните месеци нашите сограѓани се воздржат од фрлање на отпадоци надвор од местата одредени за тоа. Доколку пак такви места за одложување и нема доволно, тогаш би можело да го сочуваат ѓубрето кое го прават, па да го одложат во првата можност, надвор од Матка, на за тоа одредено место.

Ако можеме ние, кога одиме на риболов на Радика, отпадот да го чуваме цел ден, за потоа да го одложиме во контејнерите во Скопје, тогаш зошто да не го прават тоа и сите останати. 

 

Очигледно дека некои работи многу подоцна доаѓаат во нашата земја, а несомнено еколошката свест е една од нив. Сепак на нас е да го забрзаме тој процес преку личен пример. 

 

До следната акција на МК МАТКА од ваков вид БИСТРО!

bottom of page